Рутинска и убедлива победа на репрезентацијата на Германија во првиот свој настап на Светското првенство во САД. Вечерва во Хјустон, момците на Јулијан Нагелсман го „потопија“ Курасао со 7:1 и ги прокнижија првите очекувани три бода во групата „Е“.
Момент за кој ќе се зборува многу повеќе отколку за очекуваната убедлива победа на „панцирите“ е 21. минута, кога фудбалерот на швајцарски Цирик, Коменесана, успеа да погоди за 1:1, за голема радост на трибините кај навивачите на карипската земја, но и за историски првиот гол за оваа мала земја на завршницата на Мундијалите.
Германците очекувано доминираа и прашање беше само со колкава разлика ќе го завршат овој меч во своја полза. Во листата на стрелци вечерва се запишаа Нмеча (6′), Шлотербек (38′), Хаверц (п. 45+5′), Мусиала (47′), Браун (68′), Ундав (78′) и Хаверц (88′).










