Илчо Ѓорѓиоски доби 30 дневен притвор

140

Поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски доби 30 дневен притвор откако судот го прифати барањето на Обвинителството. Ѓорѓиоски вчера беше уапсен во полициска акција за малверзации во 2019 година. Притвор во траење од 30 дена доби и Олгица Младеновска, која во моментите на неправилностите била задолжена за финансии на ФФМ.Петмина од 12 лица кои требало да бидат уапсени, не се најдени во нивните домови.

„Според доказите обезбедени во предистражната постапка, првоосомничениот, во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, во периодот од 1 јануари 2015 година до 25 јули 2018 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за други лица, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127.451.156 денари.

Второосомничениот, исто така во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со истата осомничена, во периодот од 25 јули 2018 година до 10 октомври 2019 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, присвоил парични средства доверени во службата во износ од 53.351.209 денари.

Осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, со цел да ги прикрие незаконските исплати кон повеќе правни лица, вршела манипулации со сметководствената евиденција на ФФМ. Најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер. Со ваквите постапки предизвикала сметководствената евиденција на ФФМ да содржи нецелосни, неточни и манипулирани аналитички картици за деловни партнери и трошоци.

Двајцата осомничени претседатели на ФФМ, во различни временски периоди, иако биле должни да обезбедат законито, економично, наменско и транспарентно користење на финансиските средства и да вршат контрола над финансиското работење на федерацијата, одобриле и потпишале вкупно 728 налози за исплата доставени од страна на осомничената раководителка. Со тоа овозможиле исплата на парични средства без целосна и валидна финансиска документација и без претходна проверка на основаноста и намената на исплатите.

Постапувајќи спротивно на член 92 од Статутот на ФФМ и член 6 од Правилникот за организација на ФФМ, како и непреземајќи мерки за спречување на незаконито користење на средствата, тие предизвикале штета на Фудбалската федерација на Македонија во вкупен износ од 180.802.365 денари.

Осомничените управители, сопственици и овластени лица во правните лица, во име и за сметка на правните лица, издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки кон ФФМ. Врз основа на тие фактури, осомничената раководителка изготвувала налози за исплата кои биле доставувани до одговорните лица во ФФМ за одобрување и потпишување.

На овој начин на ФФМ и била причинета штета во наведениот износ, додека правните лица се стекнале со противправна имотна корист. Потоа, средствата прибавени со кривичното дело биле примани, раситнувани, пуштани во оптек и користени во финансискиот промет со цел прикривање на нивното незаконско потекло.

Во рамки на акцијата, а согласно насоките на надлежниот јавен обвинител, од страна на овластени службени лица од Управата за финансиска полиција, од слобода се  лишени   12 лица,  5 лица  се недостапни на органите на прогон а воедно е обезбедена дополнителна документација, запленети се парични средства и одземени електронски уреди кои ќе бидат предмет на вештачење. “, стои во соопштението на Финансиска полиција.

ПретходноКоне најмалку 5 месеци надвор од терените
СледноМакедонија домаќин на квалификацискиот турнир за женското кадетско ЕХФ ЕУРО 2027!