Мароко е екстра репрезентација, Бразил не блеска, Турците се најголемото разочарување

94

Изминатиот ден повторно беше и тоа како интересно на Мундијалот. Се одиграа четири меча.Домашната селекција на САД веќе е во нокаут -фазата, Бразил го видовме по вторпат и го проследивме првиот триумф на петткратниот некогашен светски шампион. Мароко покажа сила, а Турција е селекција која просто разочара.

Нашиот редовен коментатор Срѓан Захариевски е гостин во нашата редовна рубрика “Кокментар на денот“.

-САД славеше со 2:0 против Австралија…

Добар настап на Американците во првото полувреме и тоа без својот најдобар фудбалер Пулишиќ. Со овие три бода домаќинот веќе е во нокаут – фазата, заслужено. Добра селекција, но да кажам и тоа дека селекција која има и свои маани. Тоа се види во второто полувреме кога Австралија тргна со сите сили во напад, имаше и шанси, но на крајот Американците славеа заслужена победа. Вистинската сила на составот на Покетино ќе го видиме веќе во 1/16 финалето и тоа во зависност од противникот“.

-Мароко одличен, Мароко покажа сила и ја победи Шкотска со 1:0…

Два меча против Бразил и Шкотска и освоени 4 бода. Мароко е сериозна репрезентација, има компактност, има калитет, игра европски, типично на резултат, знае што сака, и според мене Мароко е меѓу фаворитите за највисок пласман. Имаат се што треба за да дојдат до уште еден голем успех како на минатиот шампионат кога беа во полуфиналето. Немојте да се изненадите ако повторно бидат меѓу најдобрите. Најважно за оваа репрезентација е тоа што се тактички зрели, имаат идеја, едноставно покажуваат сила“.

-Бразил го победи Хаити со 3:0…

На прв поглед ова е рутинска победа, прва на Мундијалот. Проблем ќе биде повредата на Рафиња. Сепак, сепак Хаити не разочара, имаше свои моменти, а Бразил одново не блескаше. И дефинитивно се гледа „раката“ на Карло Анчелоти. Мораме да заборавиме на некогашниот Бразил со неговата атракција, напади, креација. Бразил нема играчи креатори во средниот ред, Анчелоти тоа добро го знае и затоа мора да менува во филозофијата, во играта, во стилот. Овој Бразил е далеку од оној Бразил од пред некоја деценија. И кога победуваат тоа го прават без некоја посебна убавина. Ова се некои други времиња. Можат да одат далеку на Мундијалот, ама само поради Анчелоти, и секако зависи од тоа кои противници ќе ги добијат во нокаут – фазата. Јавноста во Бразил мора да се навикне на ова без разлика што и таа сака победа со убавина, ама тоа сега не го бива што би се рекло“.

-Турција повторно поразена, сега од Парагвај со 1:0…

Што да се каже? Силен тим по имиња, добар селектор, имаа иницијатива на двата меча, безброј шанси и немаат ниту бод и за нив ова СП заврши. Да имаш толку шанси а ниту еднаш да не дадеш гол, навистина немам објаснување. Јасно е дека ова шок за цела фудбалска Турција, но и за цел фудбалски свет. Сите ние очекувавме дека Монтела и неговите избраници без проблем ќе одат во следната фаза, ама ништо од тоа. За мене Турција е убедливо најголемото разочарување на Мундијалот, барем досега“ заврши Захариевски.

ПретходноМакедонскиот кошаркарски бисер ќе игра во НЦАА-лига
СледноНисколигаши на „контролното мени“ на ФК Вардар