Зад нас се уште четири меча од групната фаза на тековниот Мундијал, со што заврши второто коло. Португалија и Роналдо славеа против Узбекистан со 5:0, Англија одигра без голови со Гана, Хрватска имаше многу проблеми да дојде до тие 1:0 со Панама и Колумбија ја победи селекцијата на Конго со 1:0 и стави печат на пласманот во нокаут – фазата.
Наш денешен гостин во рубриката “Коментар на денот“ е Срѓан Захариевски.
-И дефинитивно Роналдо и Португалија се појавија на СП…
“И дефинитивно Роналдо и Португалија „дојдоа“ на овој Мундијал. Едноставно критиките вродија со плод и една од најсилните селекции во светот, инаку мој фаворит за титулата, покажаа дека допрва од нив може да се очекуваат големи нешта. Тие критики ги обединија, а тоа го можат само големи екипи или селекции. Да е во прашање некоја помала селекција таква работа тешко дека ќе минеше. Ова е Португалија со супер поединци, веројатно тие сфатија што треба да се прави и тоа е тоа. Видете само како “гризеа“ од првата секунда на мечот. Уште во првите минути имаа две шанси, потоа дојде првиот гол на Роналдо и се беше полесно. Создадоа неверојатен број на шанси, можеше да биде и повеќе од тие 5:0. Што да се каже за Роналдо? Иако си има години, сепак тој е Роналдо и мора да се почитува. Тоа е тој Роналдо што би рекле некои, а посебно неговите фанови. Не смееме така лесно да го отпишуваме, уште е гладен за успеси и уривање на рекорди. Знаете ли што значи да се биде стрелец на шест светски првенства? Тоа го можат само најголемите а еден меѓу нив секако е Роналдо. И, да, со Роналдо во гол– форма и ова СП добива на шмек што би се рекло“.
-Англија одигра само нерешено со Гана…
“Не така убедлив настап на Англија против Гана. Веројатно Тухел сакаше со што помалку трошење на силите да се дојде до нова победа. Сепак Гана има екстра репрезентација, има екстра поединци, пред се тука е Семењо и се знае дека ако сакаш да ги победиш мора да го дадеш максимумот. Англичаните тоа го сфатија во финишот, тргнаа со сите сили во напад, имаа неколку зицери, ја погодија и пречката, но сепак не победија. И не е којзнае каква трагедија. Факт е дека оваа селекција ќе оди во нокаут фазата, таму ќе ја видиме вистинската сила на Англичаните кои не кријат дека сакаат по 60 години да дојдат до титулата. Дали ќе успеа? Ќе видиме“
-Хрватска едвај дојде до првата победа…
“Интересен меч на кој Хрватска се “извади“ на искуство. Можам да замислам што ќе беше ако Будимир не постигнеше гол и не ја донесеше таа и повеќе од потребна победа. Можеби ваквата победа ќе ги дигне Хрватите, ќе видиме. Има таму квалитет, не е само Модриќ, сепак ќе биде пеколно тешко да се победи Гана во 3.коло. Сепак Хрватска и со бод, како трети има големи шанси да оди натаму. Инаку и дефинитивно Африка доаѓа на голема сцена. Ако една Нигерија не успеа да се пласира на СП, тогаш се е јасно. Гана, Мароко, Египет, БСК…покажаа дека не се само физички силни, туку дека и тактички се одлични. Линиите не им се распаѓаат така лесно, знаат што сакаат. Ова е можеби прв Мундијал на кој гледаме репрезентации од Африка кои по ништо не заостануваат зад европските или оние од Ј.Америка“.
-Колумбија го победи Конго и веќе е во нокаут – фазата…
“Два меча, две победи, шест бода и пласман во следната фаза. Импресивно, нема што премногу да се каже за оваа селекција од Ј.Америка која треба да се стави меѓу оние селекции кои можат и тоа како да изненадат. Сега пред нас е 3.коло во групната фаза, ќе биде супер интересно“ заврши Захариевски.










