Јуниорите со голем пресврт до победа против Косово

52

Машката јуниорска репрезентација на Македонија со победа ги започна контролните натпревари во рамките на подготовките за претстојните репрезентативни обврски. Во првиот тест, одигран во малата сала на СРЦ „Кале“ во Скопје, избраниците на селекторот Миодраг Тодоровиќ ја совладаа селекцијата на Косово со 90:87, иако по првата четвртина имаа негатива од 20 поени.

Гостите отворија одлично и по десет минути игра поведоа со убедливи 34:14. Нашата репрезентација постепено го подигна нивото на играта, па до заминувањето на полувреме ја преполови негативата и намали на 43:54.

Македонските јуниори продолжија во ист ритам и во второто полувреме. Со цврста одбрана и подобра реализација во нападот, до крајот на третата четвртина успеаја целосно да ја анулираат предноста на противникот, кој по 30 минути игра беше израмнет – 70:70.

Пресвртот беше комплетиран во 33. минута, кога Македонија првпат дојде во водство (76:73). Во завршницата нашата селекција имаше и пет поени предност (87:82), а иако Косово се доближи во последните моменти од натпреварот, не успеа да го избегне поразот. Гостите имаа две можности за израмнување во последните 24 секунди, но македонските кошаркари ја сочуваа предноста и заслужено стигнаа до победата.

Во првиот контролен натпревар од подготовките, селекторот Тодоровиќ им даде шанса за настап на вкупно 15 кошаркари.

Најефикасен во редовите на Македонија беше Цветковски со 18 поени. Данев реализираше 12, а Малиниќ натпреварот го заврши со 10 поени.

Подготовките продолжуваат во наредниот период со нови контролни натпревари, кои македонската јуниорска репрезентација ќе ги одигра на гостински терен во Бугарија.

ПретходноОдиграни мечевите од првото и второто коло од Државното првенство
СледноСе играше супер тај-брејк: Новак го “скрши“ Ожер – Алијасим и си закажа 1/2 финале со Синер!