Едина Муса: Мајчинството не ми ги одзеде соништата, туку ми даде нова сила

110
Фото: Приватна архива на Едина Муса

Марија Ковачева

Во „Женски Спортски Приказни“ зборуваме со уште една извонредна и инспиративна спортистка која секојдневно испраќа моќна порака дека љубовта кон спортот не престанува со мајчинството. Едина Муса докажува дека со дисциплина, посветеност и силна волја, со активен спорт може да се продолжи и после бременоста.

Таа е успешен фитнес инструктор, поранешната репрезентативка, актуелна кошаркарка и тренер. Со својата енергија, упорност и позитивен дух инспирира стотици жени. Едина е уникатна во секоја смисла на зборот бидејќи во нејзиниот речник не постои зборот „се откажувам“, ниту пак постојат пречки што не можат да се надминат. Плени со својата харизма, позитивна енергија и силна мотивација.

Пред да го реализираме ова интервју, Едина се подготвуваше за шестата операција на коленото. Повредата ја доби за време на финалниот натпревар помеѓу Струга и Гевгелија на крајот на сезоната. Ова беше моментот кога одлучи да се врати на терените и да му помогне на тимот од Гевгелија да влезе во Прва лига жени. Мисијата беше успешна.

После операцијата повторно воодушеви: Објави видео на кое наместо да се жали, Едина вежбаше. Ова е само уште една силна порака во низата: дека вистинските шампиони не ги запираат предизвиците, туку ги мотивираат. Нејзиното брзо враќање на активностите по породувањето, а сега и неверојатната решителност по операцијата, се доказ дека силата на една жена не се мери само со физичката подготвеност, туку и со нејзиниот карактер, истрајност и непоколеблив дух.

Со Едина зборувавме отворено на неколку теми: мајчинството, статусот на спортските во Македонија, за кошарката и за нејзината кариера.

Кога дозна дека ќе станеш мајка, која беше првата мисла? Дали во еден момент се запраша дали повторно ќе можеш да спортуваш на исто ниво?

„Искрено, можеби во некој момент сум се запрашала дали повторно ќе можам да спортувам на исто ниво. Но, желбата да имам дете беше преголема и бев подготвена, ако треба, некои работи да ги ставам на пауза.“

Колку бременоста те промени како спортистка, а колку како личност?

„Не можам да кажам дека бременоста не ме промени, напротив, многу ме промени. Не само физички, туку и во начинот на кој се чувствував во тој период. Нормално е да гледаш како ти се менува телото, се појавува стомаче, мускулите ги нема како порано и во еден момент се прашуваш дали некогаш повторно ќе се вратиш во форма. Таквите мисли знаат психички да те оптоварат. Плус, хормоните си го прават своето, има моменти кога си многу почувствителна и реагираш на начин на кој претходно никогаш не би реагирала.

Но, кога ќе се едуцираш за сето тоа и кога ќе имаш разбирање и поддршка од најблиските, сè е многу полесно. А кога имаш и другарка како Ирина Дишовска, која ќе те потсети дека сето тоа е нормално, уште полесно ги поминуваш тие периоди.“

Ти си и професионален фитнес инструктор. Колку е важно жената да го слуша сопственото тело за време на бременоста и по породувањето?

„Мислам дека е многу важно жената да го слуша сопственото тело и за време на бременоста и по породувањето. Но, исто така е важно да не се западне во некои стравови и ограничувачки верувања од типот: „Сега сум бремена, не смеам да се форсирам“, „Сега треба повеќе да јадам и за бебето“ итн. Сметам дека ако човек верува дека нешто не смее, тогаш често и самото тело така ќе реагира. Затоа е клучно да се продолжи со нормалниот живот, во рамките на тоа што телото реално го дозволува, и да се има доволно свесност за сопственото тело и ум за да се препознае што навистина се случува и што навистина му треба на организмот.“

Што беше најтешко при враќањето на тренинзите: физичката подготвеност или психолошката борба?

„Можам да кажам дека и психички и физички беше предизвик да се вратам на нивото на кое бев пред бременоста. Знаев дека физички ќе ми треба време да ја вратам формата, можеби дури и да бидам подобра од претходно. Спортот и повредите со кои сум се соочувала низ годините ме научија дека секое враќање е процес и дека за него се потребни трпение и дисциплина. Веќе сум го поминала тоа повеќе пати и некако имав доверба дека повторно ќе се вратам таму каде што сакам да бидам.

Психолошкиот дел, сепак, беше потежок. Иако бев трпелива, имаше моменти кога ми беше тешко да прифатам дека не можам да кревам тежини како порано и дека тренинзите во кои најмногу уживав, едноставно, не можам да ги правам. Тоа навистина ми паѓаше тешко.

Од друга страна, кога ќе го оставиш детето дома за да одиш на тренинг, нормално е да се запрашаш дали постапуваш правилно. Имаш еден час за себе, но истовремено размислуваш дали треба да бидеш со детето. Тоа е чувство со кое верувам дека многу мајки можат да се поистоветат.

Со текот на времето го најдов својот баланс. Си реков дека можеби нема да тренирам како порано, но ќе тренирам доволно за да се вратам во форма. Наместо шест или повеќе тренинзи неделно, сега тренирам три пати неделно. Така имам време и за детето, и за работата, и за тренинзите. Мислам дека токму тој баланс денес ме одржува и психички и физички здрава.“

Кој е најголемиот мит за спортистките кои стануваат мајки што би сакала конечно да биде променет?

„Денес, благодарение на социјалните мрежи, имаме можност да видиме многу успешни спортистки кои се и мајки. Тие се голема инспирација за помладите генерации и се жив доказ дека тоа е возможно. Сепак, морам да нагласам дека огромна улога има поддршката од најблиските. Затоа што не е лесно. Можно е, но не е воопшто лесно. Кога двајцата родители функционираат како тим, а во приказната се вклучени и семејството и блиските, тогаш многу полесно можат да се усогласат и спортот и мајчинството. Мислам дека токму тоа е пораката што треба повеќе да се слуша, не дека е лесно, туку дека е возможно.“

Колку беше важна поддршката од партнерот и семејството за да продолжиш со спортот?

„Можам да кажам дека беше клучна, дури и пресудна. Кога разговаравме на таа тема, дали да продолжам со кошарка, Максим имаше само осум-девет месеци. Тука сопругот, кој исто така е поранешен кошаркар, многу добро ја разбира мојата пасија и гледаше колку многу сакам да ѝ се вратам на кошарката. Тој ми беше огромна поддршка во целиот тој процес. Исто така, голема поддршка добив и од моите родители, кои секогаш беа тука кога ни требаше помош околу Максим. Така што мислам дека, ако ја имаш таа поддршка и вклученост од најблиските, многу работи можат да се остварат.“

Дали мајчинството те направи похрабра, потрпелива или уште поамбициозна? 

„Мајчинството ме направи сè од овие работи, па дури и повеќе. Кога си остварен во една улога која си ја посакувал долго време, некако се чувствуваш благодарен кон животот и кон Бога. Среќен си и исполнет, затоа што си се остварил во една од најважните улоги во животот. Тогаш во жената се раѓаат и нови амбиции и цели, затоа што веќе не создаваш само за себе, туку и за детето што го растеш. Сакаш да бидеш пример за своето дете, да бидеш најдобрата верзија од себе и тоа го правиш со многу љубов.

Исто така, те прави потрпелива, затоа што мајчинството те учи во многу моменти да реагираш смирено, наместо да дозволиш да те понесе хаосот околу тебе. На некој начин учиш да бидеш подобра не само за себе, туку и за оние околу тебе. И те прави похрабра, затоа што кога го гледаш тоа мало суштество, чувствуваш сила за која не си знаел дека ја имаш. Се чувствуваш како да можеш сè за него.“

Што те научи твоето дете, а што не успеал да те научи ниту еден тренер? 

„Многу интересно прашање. Познавајќи го мојот карактер, Максим ме научи да бидам посмирена и да имам многу поголемо трпение. Тоа ниеден тренер досега го нема постигнато кај мене (се смее).

Ме научи да забавам, што е многу, многу голема промена во мојот живот, затоа што живеев многу брз живот, со многу активности и многу работа, не знаев да застанам. Сите најблиски го критикуваа тој момент кај мене и некако со Максим научив да го живеам животот поспоро, да уживам во моментот, да најдам време за себе и за него и да ја најдам убавината во секој ден, како и да забележувам работи што претходно не сум ги забележувала.“

Што би им порачала на жените кои стравуваат дека со мајчинството ќе мора да се откажат од своите соништа и спортската кариера?  

„Би им порачала да не се плашат дека мајчинството ќе им ги одземе соништата. Да, животот се менува и приоритетите се менуваат, но тоа не значи дека треба да се откажат од себе. Грижата за себе нема да ги направи помалку добри мајки. Напротив. Кога мајката е исполнета, среќна и го живее она што го сака, тоа го чувствува и детето. И да не се плашат да побараат помош од партнерот и семејството. Никој не треба сам да го носи целиот товар.“

СТАТУСОТ НА ЖЕНИТЕ ВО СПОРТОТ ВО МАКЕДОНИЈА

🎯Имаш богато спортско искуство. Колку Македонија денес навистина ги поддржува жените во спортот? 

„Мислам дека работите се движат во подобра насока и дека денес има повеќе можности отколку порано. Но, сè уште сме далеку од тоа каде што треба да бидеме.

Еве, најактуелен пример е Лина Ѓорческа. Да се биде првата Македонка која заиграла на Вимблдон е огромен успех, а таа дотаму стигна најмногу со сопствени средства и со поддршка од најблиските. Тоа само покажува колкав талент и каква упорност поседува. Замислете колку повеќе би можела да постигне доколку имаше поголема системска поддршка од државата.

Но, ова не е само нејзина приказна. Истото важи за многу македонски спортисти и спортистки. Македонија има огромен потенцијал и многу таленти, но тие таленти треба да се препознаат и да се поддржат навреме.

Особено кај девојките, многу често гледаме дека околу 18-годишна возраст се откажуваат од спортот затоа што се принудени да избираат помеѓу образованието, работата и спортската кариера. Би сакала да живееме во општество каде што младите нема да мора да прават таков избор, туку ќе имаат услови да ги развиваат и двете.“

🎯Кој е најголемиот предизвик со кој се соочува една спортистка во текот на кариерата, а за кој најмалку се зборува?

„Мислам дека најмалку се зборува за психолошкиот притисок што го носи спортот. Луѓето ги гледаат медалите, победите и успесите, но многу ретко го гледаат сето она што стои зад нив, повредите, разочарувањата, стравот од неуспех, постојаниот притисок да бидеш подобар и моментите кога се сомневаш во себе.

Особено кај жените, често постои и дополнителен притисок дека во одреден период треба да изберат помеѓу кариерата, семејството или мајчинството. Мислам дека ниту една жена не треба да биде ставена во позиција да избира помеѓу тие работи.

Исто така, многу малку се зборува за тоа колку е тешко еден спортист да го прифати поразот. Луѓето гледаат еден натпревар, а не ги гледаат годините вложен труд зад него. Понекогаш еден пораз може да те погоди многу повеќе отколку што луѓето можат да замислат.“

🎯Што би променила во спортот во Македонија? Од каде треба да почнат промените?

„Јас би почнала сè од нула, кога зборувам стриктно за кошарката. Прво, не може кој сака да биде тренер и да тренира деца. Тренерите мора да бидат едуцирани, не само за кошаркарските техники, туку и за психолошкиот развој на децата со кои работат. Тоа, според мене, е клучно за децата да останат во спортот и правилно да се развиваат.

Потоа би поставила такви едуцирани тренери во различни региони низ цела Македонија. Нивната работа не би била само да одржуваат тренинзи, туку и да привлекуваат што повеќе деца во спортот и континуирано да работат со нив. Значи, да бидат целосно посветени на тоа, а не да им биде само „part-time job“.

Исто така, би се насочила кон родова еднаквост, со цел да има исти услови и во женскиот и во машкиот спорт, исти услови за тренинзи и натпревари, како и повисоки плати од кои спортистките ќе можат нормално да живеат, а не да преживуваат со минимални или смешни примања.“

🎯Што би им препорачале на младите спортистки кои се соочуваат со бројни предизвици. Што е најважно во градењето на една успешна кариера? 

„Најважно во градењето на една успешна кариера е да имаш визија и да знаеш што сакаш. Затоа што кога знаеш што сакаш, си подготвен на сè што треба за да го постигнеш тоа. Спортот сам по себе бара многу откажувања. Односно, спортистите, особено успешните, не живеат живот како секој друг човек кој не се занимава со спорт. Тоа одрекување за многу луѓе е тешко да се направи.

Затоа е многу важно да се одлучиш за себе и за тоа што го сакаш, без разлика на предизвиците што ќе дојдат. Има и тешки моменти, нормално – повреди, порази, сомнежи – но сето тоа е составен дел од спортот. Треба да бидат трпеливи и да веруваат во процесот, затоа што ништо не доаѓа преку ноќ и секој успех бара време, труд и многу откажувања.

И најважно, да знаат дека само со дисциплина и работна етика може да се стигне до врвот. Талентот е важен, но работата и посветеноста носат многу подалеку.“

ЖЕНСКАТА КОШАРКА, СТАТУСОТ НА ЖЕНИТЕ, ШТО ТРЕБА ДА СЕ ПРОМЕНИ

🏀Доколку имаш шанса да се вратиш назад, дали повторно би го избрала истиот спорт? 

„Апсолутно, без никакво двоумење. Кошарката ми даде многу повеќе од спорт. Ми даде животни лекции, дисциплина, работни навики, пријателства за цел живот и ме направи личноста што сум денес“.

🏀Одлучи повторно да се вратиш на терените и да ја предводиш Гевгелија во борбата за влез во Првата лига. Што беше пресудно за таквата одлука? 

„Отсекогаш знаев дека сакам да продолжам со кошарката и откако ќе станам мајка. Многу ми е драго што во животот имав примери кои ми покажаа дека тоа е возможно.

Еден од тие примери беше Славица Димовска Наковска. Како дете ја следев нејзината кариера, а подоцна имав чест да играм со неа и во ист клуб и во репрезентацијата. Таа беше мајка, професионална спортистка и воедно имаше редовна работа. Секогаш се прашував: „Како успева сето тоа?“ А одговорот секогаш беше ист: „Затоа што ме исполнува и ме прави среќна.“ Тоа многу ме инспирираше.

Уште тогаш си реков дека еден ден, кога и јас ќе станам мајка, сакам да продолжам да играм. Сакав моето дете еден ден да ме гледа од трибините и да расте со спортот.

Кога ја добив понудата од Гевгелија, веднаш почувствував дека тоа е вистинската одлука. Не беше пресудно тоа што стануваше збор за Втора лига, туку приказната што се градеше. Гевгелија никогаш претходно немала женски кошаркарски клуб во Првата лига и можноста да бидам дел од создавањето на таа историја ми беше огромен мотив.

Во тој период Максим имаше само осум-девет месеци. Имав понуди и од прволигашки клубови, но чувствував дека Гевгелија е вистинскиот избор за мене во тој момент од животот. Ми овозможуваше постепено да се вратам на терените, а во исто време да бидам дел од еден амбициозен проект и да придонесам клубот да испише нова страница во македонската женска кошарка.“

🏀Веќе имаш и своја школа за кошарка. На една конференција рече дека е многу тешко да се обезбеди поддршка. Што најмногу недостасува за развојот на женската кошарка и спортот кај нас? 

„Тоа што најмногу недостасува, според мене, е вистинска и континуирана поддршка. Не само финансиска, туку и системска. Денес многу клубови, особено во женската кошарка, опстојуваат благодарение на огромната љубов и ентузијазам на тренерите, родителите и луѓето кои го сакаат спортот. Но, ентузијазмот не може бесконечно да го заменува системот. Како некој што има своја школа за кошарка, секојдневно се соочувам со предизвикот да обезбедам услови за децата да тренираат. Не е лесно да се најдат спонзори, да се обезбедат средства за опрема, натпревари и сè што е потребно за еден клуб нормално да функционира. Искрено верувам дека вложувањето во детскиот и младинскиот спорт не е трошок, туку инвестиција. Од тие деца утре ќе излезат не само успешни спортисти, туку и здрави, дисциплинирани и одговорни луѓе.

Особено би сакала да се вложува повеќе во женската кошарка. Имаме многу талентирани девојчиња, но ако не им создадеме услови да останат во спортот, ќе продолжиме да ги губиме токму во периодот кога треба најмногу да се развиваат.

Затоа мислам дека промените треба да почнат од тоа да го препознаеме спортот како вредност и да вложуваме во него долгорочно, а не само кога ќе дојде некој голем успех. Само така ќе создадеме генерации спортисти кои ќе имаат можност да го достигнат својот целосен потенцијал“.

🏀Кога ќе погледнеш наназад, на што си најгорда во својата кариера? 

„Кога се навраќам години и години наназад, можам да кажам дека сум најгорда на тоа што успеав да останам доследна на себе и на спортот, без разлика на сите животни предизвици низ кои сум поминала. Тука се и многубројните повреди, пет операции на колената, како и породувањето со царски рез. И секој пат повторно се враќам – и не само што се враќам, туку се враќам и подобра од претходно. Тоа е нешто што го носам како карактерна особина, благодарение и на спортот кој ме научи да бидам упорна и секогаш да се стремам кон напредок и успех.

Горда сум на личноста што ја изградив преку спортот. И тоа е пораката што сакам да ја испратам и до девојчињата и до родителите – спортот не е само резултат и успех на терен. Тој има многу подлабоко влијание, затоа што гради здрава психофизичка личност.

Горда сум и на животот што го живеам, на здравите навики, на дисциплината и на сè што ме оформило како човек. И најмногу сум среќна што можам позитивно да влијаам на многу млади девојки и барем да оставам мала, но позитивна трага во нивните животи, со начинот на кој живеам и со тоа што сум денес.“

🏀Колку македонската кошарка е отворена за жени тренери? 

„Мислам дека во македонската кошарка има недостиг на жени тренери, но и генерално слаба заинтересираност кај жените да се впуштат во тренерските води. Причината за тоа не е само во можностите, туку и во фактот што тренерската работа, особено во младинските категории, најчесто не е финансиски доволно стабилна за да се смета за вистинска професија. Во многу случаи таа е повеќе како дополнителна или „part-time“ работа.

Кога си мајка или веќе имаш друга професионална обврска, многу е тешко да се посветиш и на уште една работа која бара секојдневни тренинзи, организација и викенд-натпревари. Тоа бара огромна посветеност и време.

Затоа мислам дека треба да се работи на тоа тренерството да стане вистинска професија, нешто од кое може нормално да се живее. Само така младите жени ќе можат да го гледаат како реална кариера, ќе се едуцираат повеќе и ќе се посветат целосно на развојот на новите генерации.“


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноМакедонија против домаќинот Словачка на отворањето на Европското првенство
СледноБорусија (Д) ја одби првата понуда на Барса за Адејеми