Ни Трамп, ни Инфантино: Еве кој го поништил црвениот картон на Балогун!

969
фото: FIFA World Cup Stats @alimo_philip (X)

Ова СП ќе биде запаметено по неколку скандали, ама најголемиот секако дека е случајот “Балогун“. Долго време се дебатираше дали одлуката за поништување на црвениот картон на Фоларин Балогун беше резултат на политички притисок, а сега конечно е познат главниот виновник зад најголемиот скандал на Светското првенство. Тоа не е ниту Доналд Трамп ниту Џани Инфантино.
Според информациите од Би-Би-Си, одлуката за суспендирање на автоматската казна на напаѓачот на Монако поради исклучување не ја донел целиот Дисциплински комитет на ФИФА, како што би се очекувало во толку чувствителен случај. Напротив, пресуди само еден човек – претседателот на Комитетот, Мохамед ал-Камали.
Токму ова предизвика бура од реакции. Стандардната пракса подразбира дека ваквите случаи ги решаваат неколку членови на телото, но овој пат адвокатот од Обединетите Арапски Емирати сам ја донесе одлуката Балогун да не ја отслужи суспензијата, туку казната да биде условна, односно суспендирана на една година. Така, претставникот на Соединетите Американски Држави го заработи правото да настапи во осминафиналето. Неговото исклучување остана регистрирано, но автоматската забрана за играње на следниот натпревар беше укината, што предизвика дополнителни сомнежи бидејќи ниту еден друг фудбалер во историјата на фудбалот не добил таков третман.

Сè доби политичка димензија кога Трамп јавно призна дека го повикал Инфантино и побарал ситуацијата да се преиспита. Светската фудбалска асоцијација потоа објави дека одлуката е донесена независно, во рамките на судските тела на организацијата, но критиките не стивнуваа. УЕФА, Белгиската фудбалска асоцијација, бројни тренери и поранешни функционери на ФИФА оценија дека таков потег е опасен преседан што го доведува во прашање еднаквиот третман на сите национални тимови. „Случајот Балогун“ ја надмина приказната за еден старт и еден црвен картон. Стана прашање на транспарентност, конзистентност на правилата и границата помеѓу спортот и политиката, а дебатата за тоа како ФИФА ја донесе оваа одлука сигурно нема да заврши дури ни по завршувањето на Светското првенство.

ПретходноСаша Димитријевиќ се врати во МЗТ Скопје
СледноСензационално: Манчестер Јунајтед е во завршни преговори со капитенот на Белгија!(ФОТО)