ФИФА не се откажува од идејата за „приватно“ Светско: Ќе продолжиме со консултациите

84
фото: Football on TNT Sports @footballontnt (X)

Светската куќа на фудбалот, ФИФА, се огласи како одговор на жестоките критики за планот за продажба на удели во нејзините натпреварувања на приватни инвеститори, велејќи дека продолжува со процесот на консултации. Оваа реакција доаѓа откако европските федерации објавија отворен отпор.

Сите 55 членки на УЕФА најавија бојкот на Светското првенство доколку ФИФА продолжи со оваа намера. Предлогот беше категорично отфрлен и од КОНКАКАФ.

ФИФА не се откажува од идејата да основа комерцијална „подружница“ наречена ФИФА Форвард Ентерпрајз (ФФЕ), која би го презела управувањето со клучните натпреварувања, вклучувајќи го и Светското првенство. Надворешните инвеститори би можеле да купуваат акции, при што ФИФА нагласува дека станува збор исклучиво за „малцински инвестиции без права на управување“.

За да помине предлогот, потребна е поддршка од 106 од 211-те членки на ФИФА. Со оглед на тоа што УЕФА и КОНКАКАФ имаат вкупно 96 конфедерации кои силно се спротивставуваат на овој план, исходот од гласањето е многу неизвесен.

Седиштето на ФИФА вели дека „никој не го продава фудбалот“. Во соопштение објавено денеска наутро, ФИФА тврди дека „неточните медиумски извештаи го поткопаа планираниот процес на консултации“.

„Ќе продолжиме со консултациите за да се осигураме дека секоја национална асоцијација гласа врз основа на потврдени факти“, се наведува во соопштението.

ФИФА додава дека ги почитува реакциите и загриженоста на јавноста и ја повторува својата посветеност на отворен и демократски дијалог.

„Предложивме основање на ФФЕ единствено за да им дадеме можност на сите национални асоцијации да го користат комерцијалниот потенцијал на фудбалот во своите земји, без да го загрозиме духот и начинот на кој се управува со ФИФА и фудбалот како целина“, тврдат од Цирих.

ПретходноПочина иконата на Милан и на италијанскиот фудбал, Франко Барези
СледноКЛ: Пласманот во 3. коло на Шкендија веќе и донесе сигурни над 1 милион евра