Женската македонска кошаркарска репрезентација до 18 години од денеска и официјално е дел од Европското првенство Б дивизија кое што се одржува во романскиот град, Тучлеа.
Нашиот национален состав е дел од групата во која што се наоѓаат уште и Грција, Словачка, Велика Британија и Данска.
По неколкунеделните подготовки, избраничките на селекторот Виктор Петровски со оптимизам и голема желба го очекуваат почетокот на шампионатот, свесни за квалитетот на конкуренцијата, но и решени на теренот да го дадат својот максимум.
Во пресрет на првиот натпревар, денеска, од 17.30 ќасот, против селекцијата на Данска, селекторот Петровски потенцира дека подготовките поминале во работна атмосфера и со максимална посветеност од сите кошаркарки.
„Подготовките за Европското првенство поминаа со максимална посветеност од сите девојки. Иако поради неколку мали повреди не успеавме во текот на подготвителниот период континуирано да работиме во комплетен состав, сметам дека направивме квалитетна работа и секој ден се трудевме да напредуваме како тим.
За жал, непосредно пред почетокот на првенството останавме и без нашиот капитен Дора Алексова, која поради повреда нема да биде во можност да настапи. Тоа е сериозен хендикеп за нас“.
Селекторот Петровски потенцира дека во оваа група има концентрација на висок квалитет, што ја прави ситуацијата уште потешка з анапоте јуниорки на турнирот во Тулчеа:
„Нè очекува исклучително силна група. Грција е една од главните фаворити за освојување на златниот медал, а селекциите на Словачка, Велика Британија и Данска се репрезентации со висок квалитет. Свесни сме за тежината на предизвикот, но нашиот фокус е насочен исклучиво кон нашата игра.
Нашата енергија, пристапот и посветеноста што ги покажувавме на тренинзите сакаме да ги пренесеме и на Европското првенство. Ќе се обидеме во секој натпревар да го дадеме максимумот, да се бориме една за друга и да одиграме најдобро што можеме“, дополнува Петровски пред премиерата на првенството.
Македонската репрезентација ќе настојува со борбена и дисциплинирана игра достојно да ја претставува државата на европската сцена и да го искористи секој натпревар како можност за ново докажување и напредок.
ЕП ДИВИЗИЈА „Б“ – „ПОД 18“-ЖЕНИ – ТУЛЧЕА
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
ГРУПА Д
1.КОЛО
31. ЈУЛИ (ПЕТОК)
17.30: Данска – МАКЕДОНИЈА
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/ocVQUf1PU4Q?si=23NKQzzRCLwPnXjk
20.00: Грција – Велика Британија
Словачка – слободна










