Грција подобра од нашите млади кошаркарки

68

Женската јуниорска репрезентација на Македонија го претрпе вториот пораз на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркарки „Под 18“ години, кое се одржува во романскиот град Тулчеа. Во натпреварот од второто коло во групата „Д“, фаворизираната селекција на Грција ја потврди својата улога и славеше со 73:42, со што ја забележа и втората победа на шампионатот.

МАКЕДОНИЈА – ГРЦИЈА 42:73

Македонските јуниорки одиграа солидно во првото полувреме и долго време успешно му парираа на поквалитетниот противник. По воведните десет минути Грција имаше предност од 19:13, а во втората четвртина нашата селекција остана резултатски блиску. Со втората тројка на Колева, Македонија намали на 16:24, но во финишот на првото полувреме противникот направи серија од 14:4 и се одлепи на 38:20. На паузата Грција замина со двојно повисока предност – 40:20.

Македонската репрезентација настапи дополнително ослабена поради повредата на Карајованова, која рамото го повреди на премиерниот натпревар против Данска и за неа настапите на Европското првенство се завршени.

Во третата четвртина избраничките на селекторот Виктор Петровски повторно покажаа карактер. Успеаја да намалат на 31:46 и да ја преполоват негативата. Но Грција брзо го врати ритамот и пред влегувањето во последните десет минути повторно создаде предност од 20 поени (51:31).

Во завршницата фаворитот ја задржа контролата на играта и стигна до конечните 73:42.

Најефикасна во македонскиот состав беше Пислевска со 13 поени и четири скока. Колева натпреварот го заврши со 10 поени, четири скока и три асистенции.

Во третото коло од групната фаза, Македонија утре, со почеток од 20:00 часот, ќе се сретне со репрезентацијата на Велика Британија, во обид да ја забележи првата победа на шампионатот.

ПретходноБрентфорд го купи Сангаре и го собори клупскиот рекорд
СледноПриходко обезбеди финале на ИТФ фјучерсот во Полска