УСПЕШНО ЗАВРШИ ТРЕНЕРСКАТА КЛИНИКА НА КФМ: Врвни предавачи, актуелни теми и рекордна посетеност

153

Во организација на Кошаркарската федерација на Македонија, на 24 и 25 август во Скопје се одржа Тренерската клиника, која на едно место обедини реномирани кошаркарски стручњаци, тренери од македонските клубови, како и голем број љубители на кошарката.

Клиниката се одржа во култната сала на Работнички, која со гордост го носи името на еден од најпознатите и најпризнати македонски кошаркарски стручњаци, нашиот покоен Лазар Лечиќ – човек кој остави неизбришлива трага во македонската и пошироко во југословенската кошарка.

Во текот на двата дена присутните имаа можност да проследат исклучително квалитетна и разновидна програма, посветена на современите трендови во кошарката, развојот на младите играчи, односот тренер–родител–спортист, како и на најновите промени во кошаркарските правила.

Посебна чест за македонската кошарка беше присуството на еден од најголемите европски тренерски авторитети, Светислав Пешиќ, кој своето огромно знаење и искуство го пренесе преку темите „Дефанзивна транзиција“ и „Позициона одбрана“.

Селекторот на македонската сениорска репрезентација, Хосе Мариа Берокал, ја обработи темата „Офанзивна транзиција“, додека Саша Грузиќ преку две предавања се осврна на развојот на офанзивната тимска игра и индивидуалните офанзивни вештини во младинската кошарка, со посебен акцент на возраста од 10 до 18 години.

Значаен сегмент од програмата беше посветен и на правилниот развој и самодовербата кај младите спортисти преку односот тренер–родител–спортист, а Судиската комисија при КФМ ги презентираше промените на Официјалните кошаркарски правила кои стапуваат во сила од 1 октомври 2026 година.

Квалитетот на клиниката беше неспорен, а најдобра потврда за тоа беше интересот и присуството на досега најголем број тренери од македонските клубови на еден ваков настан, како и на бројни други кошаркарски работници и љубители на играта.

Особено радува фактот што во текот на двата дена салата „Лазар Лечиќ“ беше место на размена на знаење, искуства и идеи, но и место каде уште еднаш се почувствува силната поврзаност на македонската кошаркарска заедница.

Кошаркарската федерација на Македонија упатува искрена благодарност до сите предавачи кои несебично го споделија своето знаење и искуство, како и до сите тренери, кошаркарски работници и посетители кои со своето присуство придонесоа оваа Тренерска клиника да добие вистинско значење и вредност.

Големата посетеност, вниманието со кое беа проследени предавањата и интересот за сите обработени теми се уште една потврда дека во Македонија постои силна желба за постојано учење, усовршување и следење на современите кошаркарски тенденции.

Но, пред сè, тие се потврда на нешто што за нас има посебна вредност:

Кошарката во Македонија се почитува, се сака и има луѓе кои се подготвени постојано да вложуваат во нејзината иднина.

ПретходноПМФЛ – 5.коло: Дербито Силекс – Шкендија в петок, Тиквеш – Вардар се игра во понеделник!
СледноЅвездата на Арсенал е пред трансфер во С.Арабија