Американскиот кошаркар, Лесли Ворнер, ги сподели своите први импресии по пристигнувањето во редовите на македонскиот шампион МЗТ Скопје.
Новото крило на „сино-белите“ не го крие задоволството од новата средина, соиграчите и стручниот штаб, најавувајќи високи амбиции за претстојната сезона.
„Ми се допаѓа тимот, атмосферата, градот е одличен, а храната е супер. Досега навистина уживам во сè што нуди Аеродром. Мислам дека го најдов својот дом надвор од дома“, вели Ворнер на почетокот од разговорот.
Иако претходно немал многу информации за клубот и за земјата, близината на претходниот ангажман му помогнала полесно да се прилагоди:
„Не знаев премногу пред да дојдам. Минатата година играв во Грција, па знаев за Македонија бидејќи бев во соседство. Но, немав детални информации, па сигурен сум дека сега ќе научам многу повеќе за средината во која ќе бидам во следниот период“, дополнува Американецот.
Фокусот на Ворнер во моментов е насочен кон подготовка на тимот и градење на вистинска тимска хемија пред почетокот на официјалните натпревари:
„Очекувам да се здружиме и да изградиме одлична тимска хемија, особено сега кога заминуваме на кратки подготовки надвор од Скопје. Мојата единствена желба се победи и шампионски титули. Екипата е одлична, сите се согласуваме и размислуваме исто — сите сакаме само победи и се надевам дека тоа брзо ќе го покажеме на теренот. Чекавме да ни се приклучат и репрезентативците за да влеземе во целосен ритам. Сега е сѐ како што треба“, анализира нашето ново засилување.
Запрашан за сопствените квалитети и што навивачите можат да очекуваат од него на паркетот, тој истакна:
„Можам да направам од сè по малку. Мојата задача е да поентирам — затоа сум донесен овде, но и одбраната е една од моите силни страни. Можам да чувам играчи на повеќе позиции“, анализира Лесли.
На крајот, новиот адут на аеродромци испрати пофални зборови и за тренерите:
„Соработката со стручниот штаб е одлична од првиот ден, навистина уживам во работата со нив. Верувам дека на крајот заедно ќе се радуваме и ќе си честитаме на направеното сезонава“, заврши Ворни.
Нашите момци утре ќе заминат за Гевгелија на мини-камп, кој ќе кулминира в недела (6 септември) со првиот контролен натпревар против Кожув.










