Црвена звезда го доби 180. вечно дерби против Партизан со 2:1. Во натпревар во кој Партизан шокираше уште во првата минута со голот на Же, на крајот домаќините брзо се вратија во натпреварот и успеаја да направат комплетен пресрт.
Бамба Диенг израмни во 17. минута, а потоа на сцена стапи македонскиот репрезентативец Матеј Гаштаров. Младиот фудбалер во 27. минута беше соборен во шеснаесетникот на Партизан, а по интервенција на ВАР беше досуден пенал за Звезда.
Мирко Иваниќ беше сигурен од белата точка за целосен пресврт и водство од 2:1.
Гаштаров одигра одличен натпревар и покажа зрелост во едно од најголемите дербија на балканскиот фудбал.










