Дарко Соколов не застанува: Ја почнува 25. професионална сезона!

125

Дарко Соколов продолжува да пишува историја во македонската кошарка. Искусниот бек во новата сезона ќе ја одбележи својата 25. професионална сезона, и тоа на 40-годишна возраст.

Соколов ќе настапува за Феникс, тим кој ќе биде 14-тиот клуб во неговата кариера, а ќе се натпреварува во Првата македонска лига.

Кариерата ја започна во Балкан Стил, каде уште како 15-годишник го запиша своето деби во сезоната 2001/02. Најзначајниот дел од кариерата го помина во Еуроникел, со кој стигна до две шампионски титули, но и до трофејот во Купот на Македонија. Кавадаречкиот тим со Соколов во составот триумфираше и во БИБЛ лигата, а во сезоната 2010/11 беше избран за МВП на натпреварувањето.

Во својата богата трофејна колекција Соколов има и двојна круна со МЗТ Скопје, додека Купот на Македонија го освојуваше и со Работнички и Карпош Соколи. Со Струмица, пак, се радуваше на трофеј во Суперкупот.

Во текот на кариерата носеше и дресови на Вардар, Центар, Поло Трејд и АМАК СП.

Искуството го градеше и надвор од Македонија, каде имаше две интернационални авантури – во дресот на Босна од БиХ и украински Химик.

Соколов беше и дел од македонската репрезентација која го освои историското четврто место на Европското првенство во 2011 година, како член на една од најуспешните генерации во историјата на македонската кошарка.

Сега пред него е нов предизвик – 25. сезона во професионалната кариера, овојпат во дресот на Феникс.

ПретходноФановите на Ливерпул запреа автомобил на фудбалер после киксот – настана хаос!
СледноСега е официјално: Земун го претстави Ѓорѓи Мојсов (ФОТО)