Кога беше најпотребно одигравме најлошо: Македонија остана без шанси за осминафинале

310
фото: CEV.eu

Место најдобрата партија на ова Европско, македонската репрезентација го одигра еден од најслабите натпревари на досегашните учества на континенталните собири и со пораз од Португалија 3:0 (25:13, 25:20, 25:20) ги загуби шансите да се надева на пласман во осминафиналето. Пред 50-тина македонски навивачи во Арената Софија, избраниците на селекторот Јошко Миленксоски не прикажаа ни 50% од своите вистински можности и дозволија сами да им ја препуштат победата на противниците, кои сега ќе го чекаат нашиот исход од дуелот со Израел за евентуално да се протнат во нокаут-фазата.

На стартот на мечот Португалија тргна со три поени во низа (0:3). Ние успеавме да ја стабилизираме играта и да дојдеме до прво израмнување со поенот на Љафтов за 6:6. Следуваше нова серија наши грешки, по кои Португалците се враќаат на плус три за (6:9) и прв тајм-аут за Миленкоски. Португалија продолжи во иста серија и на 7:12 нашиот селектор беше приморан да го искористи и вториот тајм-аут. Ништо не се промени до средината на сетот кога Португалија веќе имаше капитал од 8 поени (9:16). Потоа видовме неразбирлива тотална немоќ на нашата репрезентација, а Португалија како од шега го доби сетот со високи 13:25.

фото: CEV.eu

Вториот сет го почнавме многу подобро. Иако Португалија прва дојде до предност од два поени (5:7), успеавме брзо да се соземеме, да влеземе во ритам и да го свртиме резултатот во наша полза. Поведовме со 10:8 по што португалскиот селектор беше приморан да повика минута одмор. Тоа очигледно им дојде одлично на Портгалците, кои во продолжение се вратија во ритам и дојдоа до предност од 13:15, по што Миленкоски мораше да побара тајм-аут. И покрај сите надежи, финишот на сетот беше во стилот на сите претходни кои го одигравме на ова првенство. Грешка за грешка и нов сет за Португалија, овој пат со 20:25.

Третиот сет го отворивме одлично. Стојан Илиев се врати во првата постава и нареди неколку поени во серија и дојдовме до предност од 6:3. Но, по рецептот од минатите два сета, Португалија брзо се врати и успеа да ја анулира предноста до 8:8. Следуваше период во кој и двете селекциии се менуваа во водство, се до 13:15 кога по неколку наши греши Португалците влегоа во ритам. Работите отидоа на полошо кога Португалија веќе стигна до 14:18, па Миленкоски го искористи и вториот тајм-аут. До крајот Португалија не испушти да ја казни нашата лоша игра и со 20>25 го затвори натпреварот.

фото: CEV.eu

Во нашиот тим по 8 поени имаа Илиев и Љафтов, додека Никола Ѓоргиев заврши со 6 поени. Кај Португалија доминираше Фереира со 17 реализации.

За Македонија останува уште утрешниот натпревар со Израел  со кој ќе го завршиме четвртиот настап на континенталните првенства.

ПретходноСтоименовски со трансфер во Земун кај Мојсов!
СледноМалдини позитивен, па негативен на тестовите за наркотици… како?