ГРК Тиквеш не успеа да дојде до победа на првата од двете средби во ЕХФ Европскиот Куп. Иако македонскиот тим игра на домашен терен, сепак беше поразен од Еш од Луксембург со 27-30. Среќна околност за кавадарчани што и вториот натпревар се игра во салата „Јасмин“ и тоа веќе утре со почеток во 18 часот.
Тиквеш одлично го отвори мечот, после седум минути игра поведе со 5-1, па се чинеше дека улогата на фаворит одлично ја правда и на терен. Но, следеше кам-бек на гостинскиот табор за 5-5. Од овој момент текот на мечот се промени, беше неизвесно со тоа што кавадарчани одржуваа еден до два гола предност. На одморот резултатот беше 14-14.
Гостите во вториот дел се покажаа во многу подобро светло, на стартот го запишаа првото водство (14-15), водеа и со 17-20. Во 48-та минута беше 21-25. Кавадарчани конечно се разбудија за неизвесна завршница, дојде до гол негатива, но не успеа да изедначи.










