Штип УГД на 21 октомври дебитира во ЦЕВ Лигата на шампионите

27

Македонскиот претставник, Штип УГД, во најсилното европско клупско натпреварување, Лигата на шампионите ќе дебитира на 21 октомври на гостински терен. Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) ги потврди термините на натпреварите од раната фаза од елитното натпреварување.

Носителот на двојната круна во машка конкуренција, Штип УГД, откако лани за првпат учествуваше во европските клупски купови, сезонава ќе има премиера во Лигата на шампионите, каде тргнува од првото квалификациско коло во кое се соочува со холандскиот тим Орион Старс.

Првиот меч штипјани го играат на гости, на 21 октомври, во 20 часот, во „Топспортхал“ во Дутинхем, Холандија. Реваншот е на домашен терен во салата „Џексон“, во Штип, на 28 октомври во 18 часот.

Победникот од овој двомеч ќе продолжи во второто коло од квалификациите каде го чека словенечки АЦХ Волеј од Љубљана. Поразениот тим, пак, продолжува во второто по квалитет европско клупско натпреварување, ЦЕВ купот, но е слободен во првото коло и оди директно во 1/16 рундата.

ПретходноОфицијално: Де Ла Фуенте селектор на Шпанија до 2032!(ФОТО)
СледноТишина е потребна – роман на сеќавањата на авторот Иво Митев-Жиле