Тричко за “Спортмедиа“: Уживам во головите, уживам тука во АЕК Ларнака…

131

Сон на секој расен голгетер е гол на секој натпревар. По секоја цена да даде гол да ги израдува фановите, да се израдува себе си и да му помогне на својот тим да победува. Така е и со “Кралот на головите“ на Кипар, со Македонецот Иван Тричковски. Во шестата сезона во дресот на АЕК Ларнака, Тричко во првите пет кола постигна шест голови. На сите мечеви по еден, само вчера го “зафркна“ просекот, против лидерот Аполон на негов терен му “стегна“ два и беше најзаслужниот што неговиот тим победи со 4:1.

Тоа е повод за да “Спортмедиа“ денеска телефонски контактираше со Тричко.

Како за прво, го запрашавме во што е тајната, посебно ако се знае дека Тричко веќе има 34 години.

Веднаш да кажам дека просто уживам во головите, уживам играјќи за АЕК Ларнака, и на кракот уживам тука на Кипар. Видете, нема тајна. Посебно за мене, нема. Ништо ново не правам од тоа што досега сум го правел 15 и повеќе години како професинален фудбалер. Само спортски живот, напорни тренинзи и пред се `глад` за голови и победи“ задоволен е нашиот интернационалец,

СЕМЕЈСТВОТО МИ ДАВА НАЈГОЛЕМА ПОДДРШКА

Познато е дека Иван секогаш и секаде истакнува дека за да игра во ваква форма, потребна е и поддршка од најблиските.

Апсолутно. Кога во семејството се е во ред, тогаш мислите ти се само во фудбалот. И уште еднаш ќе кажам дека најголемата поддршка ја добивам од дома, од најблиските, од семејството. И кога е така, тогаш се е полесно“ констатира Тричко.

Македонецот веќе долго време е и капитен и најдобар играч на АЕК Ларнака.

Реков веќе дека уживам тука во клубот. Долг период сум овде, изградив некој имиџ и затоа сум почитуван и респектиран, од сите во клубот и од фановите. И не кријам дека тоа ми годи“.

Дали Тричко ќе го нападне својот личен рекорд на постигнати голови во една сезона.

Секако дека тоа ќе биде прекрасно. Мојот рекорд е 20 голови за АЕК Ларнака во една сезона, но во недовршена сезона. Засега стигнав до шест погодоци, само вака да продолжам, да останам во добра форма и повредите да ме одминат. Тоа е најважно, и секако АЕК Ларнака да победува“.

ПОСАКУВАМ УСПЕХ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

По долго играње за репрезентацијата, по 67 настапи и 7 голови, Иван Тричковски по настапот на ЕУРО се повлече.

Дали сега мисли дека тоа беше негов правилен потег.

Искрено тешка беше одлуката. Многу време ми требаше да ја донесам. И сега сметам дека таа беше на место, гледајќи од оваа дистанца, и на време. Токму по настапот на ЕП. Видете, доаѓаат помлади генерации, имаме врвни таленти. Сега е нивно време. Секако дека следам што се случува во репрезнетацијата, ги следам настапите. На крај сакам само на сите во нашата репрезентација да им посакам добри игри, добри резултати и само успеси. Ја имаат од мене големата поддршка одовде, од Кипар од Иван Тричковски“ заврши нашиот голгетер и “бомбардер“ на АЕК Ларнака.

ПретходноДе Лихт: Постојано учам од Бонучи и Киелини
СледноАлкалоид со нова победа, постигна 51 гол против Астраион