Адел Мустафи пред неколку дена го имаше своето деби за селекцијата до 16 години на Германија на пријателски натпревар против Полска, кој Германија го доби со 4:1.
Овој млад супер-талент, кој игра за своите врсници во Унион Берлин, претходно забележа и пет настапи за репрезентациите на Македонија, но одлучи да го прифати повикот од својата родна држава.
Мустафи и неговото семејство се од дебарскиот регион и имаа желба тој да игра за Македонија, што беше и реалност до пред само неколку месеци. Но, ете, работите се менуваат, па овој млад дефанзивен фудбалер, по препорака на клубот и неговите родители, ја прифати понудата од Германија.
За „панцирите“ во минатото играше и друг Мустафи од Македонија. Но, тоа беше Шкодран, кој стана и светски првак со Германија, а по потекло е од Гостивар.
Македонија има многу мали шанси во битката со младите таленти доколку тие имаат опција да бираат.










