34. Меѓународна спортско-медиумска ревија „Турнир на медиуми“

34

Во Скопје од 7 до 9 октомври се одржува 34. Меѓународна спортско-медиумска ревија „Турнир на медиуми“, која и годинава ги обединува новинарите, спортистите, тренерите, медиумските работници и јавните личности од Македонија и регионот.

На манифестацијата учествуваат гости од Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, а централниот ден е 8 октомври, кога програмата ќе понуди три содржински целини – знаење, спорт и дружење.

Во 11:00 часот во Свечената сала на Ректоратот на УКИМ ќе се одржи панел-дискусијата „Спортот во ерата на вештачката интелигенција: етика, здравје и извонредност“, на која ќе се говори за примената на AI во спортската анализа, тренингот, здравјето и донесувањето одлуки, но и за улогата на човечката проценка, етиката и фер-плејот. Панелисти се проф. д-р Орце Симов, проф. д-р Влатко Неделковски, проф. д-р Маре Србиновска и тренерот Горазд Михајлов, со видеообраќање на академик проф. д-р Изет Раѓо од Сараево.

Од 13:30 часот на игралиштето на ФК Аеродром во Реонски центар Ново Лисиче следува ревијалниот спортски дел, со фудбал, пенали, гол-на-гол и други забавни натпреварувачки формати, во мешани екипи составени од новинари, спортисти, ветерани, жени и јавни личности.

Манифестацијата ќе заврши со заедничко дружење на сите учесници, со што повторно ќе се потврди нејзината основна идеја – поврзување на луѓето преку спортот, медиумите, науката, културата и јавниот живот.

По 34 години, „Турнирот на медиуми“ продолжува да ја гради традицијата, но и да ја проширува својата мисија, во организација на Спортското радио 90.3 фм.

„Фудбалот беше причината да се сретнеме, но луѓето беа причината повторно да се видиме. 34 години нè поврзуваше фудбалот. Денес ги поврзуваме луѓето.“

ПретходноМото ГП воведува квалификации за спринт од 2027 година
СледноНикој како Столе: Димитриевски со најмногу одбрани во Лигата на Нации! (ФОТО)