ТФТ за најмладите: Бесплатен влез за сите ученици цела домашна сезона

31

Прекрасен потег на македонскиот кошаркарски суперлигаш, ТФТ. Клубот од скопската населба Тафталиџе, која што секако се наоѓа под општина Карпош, реши да ги отвори вратите за сите ученици од основните школи на територија на оваа општина на мечевите од домашниот шампионат.

„Како клуб кој во изминатиот период активно соработува со Општина Карпош и ја препознава важноста на заедничкото делување во интерес на спортот и младите, овозможивме бесплатен влез на сите натпревари на КК ТФТ до крајот на сезоната за сите ученици од основните училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Карпош.

Натпреварите на КК ТФТ се одржуваат во спортската сала Т-Аrena, во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, што дополнително овозможува учениците од сите основни училишта на територијата на Општина Карпош лесно да присуствуваат и директно да бидат дел од спортските случувања во својата општина.

Нашата идеја е преку оваа иницијатива да им овозможиме на децата бесплатно да присуствуваат на натпреварите, да го почувствуваат спортскиот дух и атмосферата во салата и, можеби најважно, да ги запознаат вредностите кои спортот ги носи – тимска работа, дисциплина, почит, фер-плеј, упорност и одговорност.

Сметаме дека спортот има значајна улога во правилното растење и развој на младите и дека заеднички можеме да испратиме силна порака дека спортот, дружењето и здравите животни навики се вистинската насока за нашите деца.

Воедно, сакаме натпреварите на КК ТФТ да станат место каде што најмладите ќе се чувствуваат добредојдени, ќе можат да ги поддржат своите спортски херои и да добијат дополнителна мотивација еден ден и самите да се занимаваат со спорт.

Очекуваме голем број на ученици веќе на денешниот натпревар против тимот на КК Скопје, кој ќе се одигра во рамките од второто коло на МТЕЛ Супер Лигата. Се гледаме во сала“, порачуваат од ТФТ.

ПретходноРомарио: Роналдо требаше да го отера селекторот во „п…м….“!!!
СледноЕХФ му симна капа на Фитиљ: МВП издание на Кузмановски (ВИДЕО)