Хаос во Србија: Ракометар нокаутиран, татко влета на терен (ВИДЕО)

145

Партизан славеше убедлива победа од 40-27 против Лавови во шестото коло од српското ракометно првенство, но резултатот остана во втор план по инцидентот што се случи во финишот на натпреварот.

Во 54. минута, по постигнатиот гол на Владислав Кулеш, при прославата на погодокот дојде до контакт со Александар Стојковиќ, ракометарот на Лавови, падна на теренот и остана да лежи откако доби удар.

Настана вистински шок, особено на трибините, каде што натпреварот го следеа и неговите родители. Неговиот татко Растко Стојковиќ, поранешен српски репрезентативец и освојувач на сребрен медал на Европското првенство во Белград во 2012 година, веднаш истрча на теренот, видно вознемирен од случувањата, и се упати кон белорускиот ракометар.

Ситуацијата се закануваше да прерасне во поголем инцидент, но играчите и стручните штабови на двете екипи брзо реагираа. Меѓу оние што помогнаа да се смири ситуацијата беше и помошник-тренерот на Партизан, Марко Павловиќ.

Најтешкиот момент сепак беше повредата на Стојковиќ, кој мораше да биде изнесен од теренот на носилки. По немилиот настан, Партизан упати порака за поддршка до ракометарот на Лавови, посакувајќи му брзо закрепнување.

ПретходноВенгер се вклучува во трката за ФИФА?
СледноДерби во СЦ „Билјанини извори“: Алкалоид по шеста победа, ГРК Охрид најавува борба!