Работнички има две победи на исто толку одиграни натпревари на стартот на Супер-лигата и го дели првото место со актуелниот првак и вечен ривал, МЗТ Скопје.
Поранешниот македонски репрезентативец Дамјан Робев не го крие задоволството од досега оствареното. Тој потенцира дека добрата енергија во тимот е еден од важните фактори за успешниот старт, а дополнителен мотив им даваат и навивачите на „црвено-белите“.
„Добро ја започнуваме сезоната со две победи. Атмосферата во тимот е одлична, имаме добра енергија и се трудиме максимално на секој тренинг. Секој натпревар го сфаќаме сериозно и влегуваме со иста мотивација, без разлика на противникот. Навивачите ни даваат дополнителен мотив и знам дека ќе продолжиме во истиот ритам и на следните натпревари. Посакувам само здравје на сите играчи за да го покажеме нашиот максимум како тим“, порача Робев.
Во следното коло Работнички ќе ги одмери силите со Пелистер.










