МЗТ Скопје продолжува со натпреварите во ФИБА Еврокупот. Актуелниот македонски првак повторно е домаќин, овој пат во СЦ „Јане Сандански“ гостува естонски Тарту, дуелот е закажан со почеток во 18:30 часот.
„Сино-белите“ на премиерата и кам-бекот после долго време беа поразени од Ираклис со 59-64. На другата страна денешниот противник исто така стартуваше со пораз пред своите фанови беше убедливо совладан од Варшава.
Со оглед на бледото издание на естонскиот клуб во првото коло во ова натпреварување, но и поразот на домашен терен во тамошниот шампионат, МЗТ Скопје има големи шанси да дојде до првиот триумф на европска сцена.
„Нѐ чека тежок меч. Треба да бидеме цврсти и да влеземе со огромна енергија во одбраната. Доколку сме на нашето ниво низ целиот дуел, очекувам позитивен резултат на крајот. Секако со поддршка од нашите верни навивачи, чија помош ни значи навистина многу!“, изјави Војдан Стојановски пред мечот.
Билетите за овој натпревар се пуштени во продажба по цена од 200 денари.
И пред оваа средба МЗТ Скопје за своите фанови организираше фан-зона пред сала, ќе има диџеј и многу забава за најмладите.










