Кошаркарите на Штип продолжуваат да ја бараат првата победа во дебитантската сезона во македонската Суперлига, откако по поразите од Тиквеш и Куманово, не успеаја да го прекинат негативниот почеток ниту на дуелот со Кожув од Гевгелија.
Штипјани на домашен терен вечерва беа поразени од Кожув со 77:85 и го прокнижија третиот пораз во низа од почетокот на суперлигашката сезона. Во првиот дел од мечот видовме израмнета борба, а домашните на пауза заминаа со еден поен предност.
Сепак, вториот дел, особено третиот период, комплетно им припадна на гостите, кои во него ја направија разликата за триумф (17:26). Штип се обиде, но не успеа да се врати во последниот дел од мечот.
Бојчев со 31 поен доминираше кај победничкиот состав на гевгеличани, додека кај Штип се истакна Хамилтон кој заврши со 22 поени.










