Големото македонско фудбалско дерби помеѓу Шкендија и Вардар кое што денеска во рамките од 11. коло од ПМФЛ шампионатот се играше во Гостивар заврши со најнепопуларниот резултат, 0:0.
И двата тима можат да жалат за трите бода, затоа што имаше ВАР интеренции при голови за водство на двата тима. За Шкендија во првиот дел, а за Вардар и тоа на два пати во самиот финиш на второто полувреме. Ндзенгуе промашуваше во првиот дел, реализираше за „наводни“ 1:0, за Шкендија но ВАР го поништи тој гол, за да во последните моменти од мечот најпрво Данев погоди за 0:1, ВАР уште еднаш реагира, за да конечно, Едис Спахиу уште еднаш погодува но ВАР повторно поништи водство за Вардар.
Ндзенгуе не погодуваше за домашно водство во првиот дел
Шкендија тргна да поведува на стартот на мечот, нешто што и беше за очекување со оглед на важноста на мечот. Во преден план Ндзенгуе кој што беше во центарот на вниманието.

Најпрво не успеа сантиметри да биде на топка и да ја вметне во мрежата на Вардар по одличното нафрлување по земја од десно. Минути подоцна изби во шеснаесетникот на Вардар, „распали“ по топката, таа се најде зад грбот на Талески, но ВАР, го поништи водството на Шкендија поради офсајд.
Конечно, Ндзенгуе во третата своја можност откосо се обиде да го лобува Талески но биеше непрецизно и над голот. Вардар освен ударот на Данев кој што го одбрани Гаје, и неколкуте корнери немаше со што да се пофали во овој дел од мечот.

Гаје спаси гостинска победа по ударот на Пиреш, „ВАР“ го „расплака“ Вардар на крајот
Ако пак некој очекуваше дека Шкендија ќе го засили темпото во второто полувреме и уште повеќе ќе нападне кон голот на Вардар, тоа не го доби. Домаќинот имаше ситуација на стартот на полувремето преку Мелиќи кој со глава биеше покрај голот но реално 100% шанса не создаде.
Вардар пак имаше неколку моменти на противничката половина кои што можеа да се наречат закана. Закариќ биеше силно но директно во Гаје на пример, Омерагиќ имаше една ситуација во петерецот. Пиреш одлично шутираше во 86. минута но Гаје ја имаше одбраната на мечот исфрлувајќи во корнер.
Сепак, во последните моменти од мечот, грубата грешка на домашните на средината на теренот, го одведе Вардар во контра напад, асистенцијата на Спахиу ја одведе топката до Данев, а овој реализираше за водство. Сепак, ВАР технологијата го поништо голот поради офсајд. Спахиу во следната ситуација го „матира“ Гаје, Вардар се радува но уште еднаш попусто. ВАР реагира по трет пат, прогласува офсајд и конечни 0:0.

















