Вардар со реми се одјави со од Лигата на шампиони, откако на домашен терен одигра 26-26 Мелсунген. Македонскиот првак ќе го гледаме и натаму во Европа, според новиот систем ќе игра во Европската лига. На другата страна Роберто Гарсија Парондо и неговиот тим пак се пласираа во главната рунда.
Валах имаше 14 одбрани, Фадуил имаше седум гола, додека Воркапиќ четири.
Три одбрани на Симиќ, една на Валах на стартот на мечот. Мелсунген прв го скрши мразот и поведе со 0-2. Јанковски го постигна првиот гол за македонскиот првак 1-2. Љевар во шестата минута израмни на 3-3. Пет минути подоцна Мелсунген поведе со три гола разлика (5-8), позитива која имаше до 15-тата минута (7-10). Од овој момент македонскиот првак приреди серија од 5-1, на крилата на одличниот Валах, со голот на Митровиќ успеа да го запише првото водство (12-11) во 25-тата минута. На одморот резултатот беше 14-12.
Бундес-лигашот повторно влезе подобро и во втрото полувреме, со серија од 4-1, го врати минималното водство 15-16. На другата страна Иван Чупиќ повика тајм-аут, Митровиќ веднаш одговори за 16-16. Драмата не изостана, иако Мелсунген имаше плус два (17-19). Македонскиот првак успеа да се врати и да поведе со 21-20 во 48-та минута, период во кој противникот имаше и играч помалку на теренот.
Во 52-та минута, Вардар при 23-22 остана без Јанковски, кој го заработи третото исклучување на мечот, па гостите израмнија на 23-23. Парондо во последните десет минути играше „седум на шест“, бараше победа која ќе му донесе сигурна виза за главната рунда.
Желбата за победа беше видлива и голема на двете страни, па грешките во самиот финиш беа чести. Да Силва постигна важен гол за 25-24, но гостите веднаш вратија (25-25), а притоа македонскиот првак во последната минута остана со играч помалку. Фадуил реализираше од седум метри за 26-25, Парондо повика тајм-аут, неговите момци преку Дростен вратија за 26-26. Во самиот финиш судиите прегледуваа снимка, дали имаше материјал за пенал за Вардар, но имаше само две минути и слободен удар за „црвено-црните“.










