Пешевски во хуманитарна мисија: Дресот на Македонија го стави на аукција за најважната битка на Стефан!

178

Жарко Пешевски има големо срце. Македонскиот репрезентативен пикер одлучи да го стави на аукција дресот со потписи од сите репрезентативци, со цел да му помогне на Стефан Петрушевски.

Стефан е сопруг, татко на едногодишно дете и полициски службеник кој својот живот го посветил на заштитата и безбедноста на другите. По тешката несреќа која засекогаш му го промени животот, Стефан ја води најважната битка – битката за своето здравје и за иднината со своето семејство.

„Хуманоста не познава граници, вера и националност. Да бидеш хуман е доблест и човечка особина која секој од нас ја носи во себе. Спортот и спортистите знаеле и знаат да пружат рака кога е најпотребно.

Секој од нас води битки во животот. Некои на терените за своите клубови и репрезентации, а некои во секојдневието, борејќи се за подобро утро за себе и за своето семејство.

Еден од нив е и Стефан Петрушевски. Го игра најважниот натпревар и ја води најголемата битка во својот живот. Другар, пријател, професионалец во својата професија, грижлив родител и сопруг.

Потребно е да му помогнеме и знам дека ќе успееме во оваа хуманитарна мисија. 🙏

Поради сето горенаведено, со една цел – Стефан да успее во своето најважно животно поглавје – денес го објавувам овој дрес на ракометната репрезентација на Македонија, за кој не треба да се трошат зборови.

Сите знаеме што значи и каков симбол на успех и заедништво претставува за целата наша држава во моментите кога игра Македонија.

Почетната цена за дресот со потписи од сите играчи кои беа дел од последниот натпревар меѓу Македонија и Романија на Европското првенство е 6.000 денари.

Оваа мини-аукција ќе трае до петок во 21:00 часот.

Средствата ќе бидат донирани.

Контакт – ДМ“, напиша Пешевски на својот Инстаграм-профил.

 

Претходно„Бебињата“ на Сер Боби полека ги снемува од репрезентација…
СледноФарски Острови, Израел и Андора се противниците на женската фудбалска репрезентација во Лигата на Нациите