Нова историска партија на Вембањама, трипл-дабл на Јокиќ (ВИДЕО)

191

Виктор Вембањама одигра еден од најимпресивните натпревари во досегашната НБА-кариера. Францускиот кошаркар го предводеше Сан Антонио до победа од 112:111 против Далас, а натпреварот го заврши со неверојатни 52 поени, 24 скока и осум блокади. Ова се негови лични рекорди во кариерата според бројот на поени и скокови. Забележа и по две асистенции и украдени топки. Од поле шутираше 16/28 (тројки 1/8), додека од линијата за слободни фрлања имаше 19/23.

Ирвинг со 29 поени беше најефикасен кај Далас, Маршал додаде 22, додека Купер Флег натпреварот го заврши со 19 поени, 10 скока и пет асистенции. За Сан Антонио ова беше шеста последователна победа, а сезоната ја започна со биланс од шест победи и два порази.

Колку беше посебна партијата на Вембањама најдобро говори податокот дека ниту еден кошаркар во историјата на НБА-лигата претходно не успеал на еден натпревар да оствари најмалку 52 поени, 24 скока и осум блокади. Уште повеќе, според достапната статистика, единствениот играч пред него кој имал најмалку 50 поени, 20 скока и пет блокади бил Боб Макаду, на 22 февруари 1974 година.

Французинот уште во првото полувреме постигна 29 поени, забележа 15 скока и пет блокади. Со тоа стана првиот кошаркар од сезоната 1996/97, кога започна деталното статистичко следење на натпреварите во НБА-лигата, кој во едно полувреме остварил најмалку 25 поени, 10 скока и пет блокади.

Денвер изминатата ноќ го совлада Торонто со 128:109, а Никола Јокиќ повторно одигра фантастичен натпревар со трипл-дабл учинок. По натпреварот испрати емотивна порака до навивачите.

Денвер стигна до четвртата победа оваа сезона. Торонто падна во Денвер, а одличната партија на Никола Јокиќ и неговата порака по натпреварот ги воодушевија навивачите.

Јокиќ трипл-дабл учинокот го оствари за само три четвртини. Натпреварот го заврши со 32 поени, 11 асистенции и 10 скока. Тоа беше негов 201. трипл-дабл во кариерата, а трет оваа сезона.

По натпреварот, Јокиќ на некој начин одлучи да им се извини на навивачите на Денвер. Откако во изминатиот период ги критикуваше поради тоа што ја напуштаат салата и свиркаат кога на екипата не ѝ оди, сега им порача:

„Ви благодарам што останавте. Задоволство беше да се игра пред вас. Ве сакам“, изјави Јокиќ.

Да потсетиме, претходно тој порача: „Навивачите кои ни свиркаа не мора повеќе да доаѓаат“, а потоа уште еднаш го потврди својот став: „Го кажав тоа што го кажав. Стојам зад моите зборови“.

Детроит – Филаделфија 106:11, Бостон – Милвоки 109:102, Вашингтон – Атланта 105:120, Бруклин – Шарлот 114:104, Њујорк – Чикаго 135:105, Мемфис – Индијана 103:107, Њу Орлеанс – Јута 120:113 (по продолжение), Оклахома – Кливленд 124:116, Хјустон – Минесота 107:117, Денвер – Торонто 128:109, Феникс – Портланд 119:132, Сан Антонио – Далас 112:111, Сакраменто – ЛА Лејкерс 103:116, ЛА Клиперс – Мајами 116:117 (по продолжение).

ПретходноРекорд: Милан потпиша историски договор вреден 500 милиони евра
СледноДеби за паметење на Горига: Чест ми е што играм за Македонија!