Рекорд: На фудбалски натпревар во Бразил покажани 53 црвени картони!? (ВИДЕО)

39

Неверојатни сцени го обиколија фудбалскиот свет откако еден натпревар од младинското првенство на Бразил заврши со дури 53 исклучувања, по масовна тепачка меѓу фудбалерите, членовите на стручните штабови и клупските функционери.

Инцидентот се случил на првиот полуфинален натпревар од Втората дивизија на првенството до 20 години во сојузната држава Минас Жераис, меѓу екипите на Уберландија и Маморе.

Тензиите започнале во 54. минута, кога по исклучувањето на еден домашен фудбалер, неколку функционери на Уберландија влегле на теренот. Натпреварот бил прекинат околу 40 минути, по што продолжил, но вистинскиот хаос допрва следувал.

Во деветтата минута од судиското продолжение, Маморе постигнал гол за водство од 3:1. Прославата на стрелецот Дави била оценета како провокација од противничките фудбалери, по што настанала масовна пресметка во која учествувале играчи и членови на двата тима.

Според извештајот на судијата Фернандо Патрик Дрошгич Модесто, биле исклучени 43 фудбалери, осум членови на стручните штабови и двајца функционери на Уберландија. Вкупно 53 лица добиле црвени картони, со што е надминат досегашниот рекорд од 36 исклучувања, поставен во февруари 2011 година на натпревар во петтата аргентинска лига меѓу Атлетико Клајполе и Викторијано Аренас.

Судијата во извештајот навел дека поради размерите на тепачката и безбедносната ситуација не било можно нормално да се доделат сите картони и да се спроведе завршната процедура, па го прекинал натпреварот. Поднел и пријава во полиција поради закани и навреди, а биле пријавени и оштетувања во соблекувалните на Маморе.

Последиците од инцидентот се одразиле и врз реваншот, закажан за 8 ноември. Поради големиот број суспендирани фудбалери, Маморе останал со само седуммина играчи кои имале право на настап. Уберландија одлучила да се повлече од реваншот, оценувајќи го потегот како чин на фер-плеј, со што му го отстапила местото во финалето на противникот.

ПретходноПолувреме: Мрежите мируваат на супер дербито во Струга
СледноНовата НБА ѕвезда и купи нова куќа на својата мајка (ВИДЕО)