Еден од најголемите таленти на англискиот фудбал, 16-годишниот Џеј Џеј Габриел, веќе е во Мадрид, каде што се подготвува за следниот чекор во својата кариера – преселба во Реал Мадрид.
Младиот напаѓач, кој досега беше дел од академијата на Манчестер Јунајтед, во интервју за шпанска „Марка“ откри дека неговата голема амбиција е еден ден да ја освои „Златната топка“.
„Мојот сон е да ја освојам Златната топка“, порача Габриел, кој веќе неколку дена престојува во шпанската престолнина.
Младиот Англичанец не крие ниту кој од двата шпански гиганти го претпочита. На прашањето дали би го избрал Реал Мадрид или Барселона, одговорот бил краток и недвосмислен: „Очигледно, Мадрид!“
Габриел моментално тренира индивидуално, по утринските тренинзи на теренот со личен тренер, попладнето продолжува со работа во фитнес-сала. Во Мадрид е придружуван од својот татко Џо О’Керојл, поранешен фудбалер кој активно се грижи за неговиот спортски развој. Неговиот агент Али Барат работи на завршување на договорот со Реал, кој сака да го вклучи младиот напаѓач во својот втор тим, Кастиља. Токму преку оваа екипа во минатото кон првиот тим се пробија и фудбалери како Винисиус Жуниор и Федерико Валверде.
Габриел сè уште е формално регистриран како фудбалер на Манчестер Јунајтед, иако веќе не учествува во секојдневните активности на младинската академија во Карингтон. Поради административните и регулаторните ограничувања, официјализирањето на трансферот се очекува во јануари 2027 година.










