Стеф Кари ја урна магијата во Орландо и ги остави зад себе Џордан и Леброн (ВИДЕО)

92

Голден Стејт по продолжение го совлада Орландо, Сан Антонио ја продолжи победничката серија, додека Оклахома го остави Вашингтон на само 75 поени.

Стеф Кари уште еднаш покажа дека годините не можат да ја запрат неговата кошаркарска магија. Одличниот бек постигна 41 поен, на кои додаде шест скока и шест асистенции, во победата на Голден Стејт Вориорс над Орландо Меџик со 126:119 по продолжение.

Вориорс на полувремето имаа убедлива предност од 57:41, но гостите целосно го променија текот на натпреварот во третата четвртина, која ја добија со 37:20. Во драматичната завршница од регуларниот дел, Кари погоди за водство на домашниот тим на 25,2 секунди пред крајот, но Џамал Кејн, по офанзивен скок, израмни две секунди пред последниот звук на сирената. Така, Орландо се избори за дополнителни пет минути, иако претходно изгледаше дека натпреварот му се измолкнува од раце.

Во продолжението повторно пресуди Кари. Една минута и 38 секунди пред крајот погоди со дополнително слободно фрлање и му донесе предност на Голден Стејт, а во последната минута додаде и важни два поени со положување. Орландо ја пропушти својата шанса кога Вендел Картер Џуниор, при негатива од два поени, ги промаши двете слободни фрлања.

Кари имаше одлична поддршка од новајлијата Јаксел Лендерборг, кој натпреварот го заврши со 23 поени и осум скока, а погоди и важна тројка во продолжението. Брендин Подзиемски постигна 15 поени, Жорж Нианг 11, додека Дрејмонд Грин забележа 13 асистенции.

Во редовите на Орландо најдобар беше Франц Вагнер со 30 поени и 11 асистенции. Тристан да Силва и Картер постигнаа по 19 поени, додека Кејн, кој влезе од клупата, придонесе со 18 поени и 12 скока.

Кари притоа ја забележа својата 16. натпреварувачка вечер со најмалку 40 поени по наполнети 35 години и се искачи на врвот на оваа листа, оставајќи го зад себе Леброн Џејмс со 15 вакви настапи. Мајкл Џордан има 12.

Според податоците на ЕЛИАС, Кари стана и седмиот кошаркар во историјата на НБА-лигата со најмалку 26.000 поени, 5.000 скока и 6.000 асистенции.

Голден Стејт, по почетните три порази, врза седум победи и целосно ја промени сликата за својот почеток на сезоната.

Никола Јокиќ ги предводеше Денвер Нагетс до победа од 114:102 против Индијана Пејсерс во натпревар од НБА-лигата одигран во Мексико Сити. Српскиот центар постигна 19 поени, со 13 скока и осум асистенции, а Денвер така ја забележа четвртата победа на последните пет натпревари.

Јокиќ уште во првата четвртина постигна 10 поени и го насочи натпреварот во корист на својот тим. Камерон Џонсон додаде 18 поени, додека Џамал Мареј средбата ја заврши со 16.

Денвер ја создаде клучната предност во втората четвртина, кога Индијана цели четири минути не успеа да постигне кош. Нагетс го искористија тоа и со серија од 15:0 целосно ја презедоа контролата врз натпреварот.

Атланта – Бруклин 124:121
Кливленд – Њујорк 97:109
Оклахома – Вашингтон 114:75
Голден Стејт – Орландо 126:119
Феникс – Хјустон 102:99
Портланд – Сан Антонио 103:125

ПретходноЕве како играчите на Галатасарај им се потсмеваа на таблоидите! (ВИДЕО)
СледноПМФЛ: Башкими посакува бодови против Брегалница