Новак Ѓоковиќ започнува нов голем проект надвор од тенискиот терен, а неговата следна дестинација е Мајами. Најдобриот тенисер на сите времиња ги здружи силите со реномираната компанија „Аман Груп“ за да го лансира ATMA – нов луксузен бренд за угостителство фокусиран на долговечност, супериорна исхрана и закрепнување.
Првата зграда од овој концепт ќе биде импресивна кула висока 1.049 стапки, односно околу 320 метри, сместена на брегот во елитната населба Брикел. Новиот комплекс ќе понуди затворени тениски и падел терени со панорамски поглед на заливот Бискејн, марина и монументален спа и велнес центар што се протега на околу 11.500 квадратни метри. Благодарение на затворените терени, активностите ќе бидат достапни преку целата година, без оглед на специфичните временски услови што често преовладуваат во Мајами. Покрај спортските објекти, приватните и групните студија за тренинг, специјализираните зони за фитнес и мобилност, медицинскиот велнес центар и најсовремените блокови за регенерација и закрепнување на телото. Новак Ѓоковиќ, кој ја започна соработката со брендот Аман во 2024 година како глобален партнер за велнес, ќе биде задолжен за креирање програми во областите на долговечност, исхрана, фитнес и спортови со рекети.
Покрај хотелскиот дел, кулата на локацијата Брикел Беј Драјв ќе има ексклузивни брендирани резиденции, почнувајќи од станови со една спална соба до пространи пентхауси со шест спални соби. Надворешниот дизајн е потпишан од студиото „SHoP Architects“, препознатливо по своите закривени тераси и прозорци од подот до таванот. Внатрешноста, дизајнирана од Студио Паоло Ферари, се одликува со иновативно осветлување дизајнирано да ги следи природните ритми на жителите и гостите. Името ATMA доаѓа од санскрит и значи „дух“ или „вистинско јас“. Покрај строгиот фокус на здравјето, ATMA Miami ќе понуди и места за ноќен живот, ресторани со нутритивно избалансирани менија, барови со жива музика и сцени за уметнички настапи. Инвеститорите предвидуваат проектот да биде завршен до 2031 година.










