Марко Ѓорѓиевски: Верувам дека Македонија може да се врати на посакуваното ниво

0
ФОТО: FFM.MK

А репрезентацијата на Македонија ги продолжува подготовките во рамки на подготовките за последните два натпревари од групната фаза во Лигата на нациите. Избраниците на селекторот Гоце Седлоски ги очекуваат гостување против Шкотска во Глазгов и дуел со Словенија на домашен терен.

Своите очекувања пред завршните предизвици ги сподели напаѓачот на Шкендија, Марко Ѓорѓиевски кој се надева дека со деби настап и свој придонес ќе помогне репрезентацијата да се врати на посакуваното ниво.

„Се надевам дека доколку добијам шанса на натпреварите, ќе имам свој придонес и дека ќе почнеме да се движиме во нагорна линија, онака како што заслужува оваа репрезентација. Во секоја репрезентација и во секој клуб доаѓа до одреден период на криза, но мислам дека е време да излеземе од неа и се надевам дека се ќе биде како што треба“, истакна Ѓорѓиевски.

Напаѓачот во националниот тим смета дека искуството и натпреварувачката форма на поискусните фудбалери можат да бидат значаен фактор во претстојните дуели. Верува дека Македонија има квалитет да му се спротивстави на силниот противник и да стигне до позитивен резултат во Глазгов.

„Поискусните фудбалери во репрезентацијата веќе се во натпреварувачка форма и мислам дека тоа ќе се покаже на натпреварите против Шкотска и Словенија. Верувам дека селекторот ќе најде начин како да се поставиме и да одиграме одличен натпревар, да и се спротивставиме на Шкотска и да оствариме позитивен резултат“, додаде Ѓорѓиевски.

Македонија во петок ќе гостува кај Шкотска во Глазгов, додека три дена подоцна, на домашен терен, ќе ја пречека Словенија во последниот натпревар од групната фаза во Лигата на нациите.

ПретходноНов удар за Зидан: Чуамени поради повреда нема да игра за Франција