Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром доживеа уште еден убедлив пораз во ФИБА Европа купот. На гостувањето кај Ираклис во шестото коло од групната фаза, грчкиот состав славеше со 103:73, во натпревар во кој уште од првата четвртина ја презеде контролата и постепено ја зголемуваше предноста.
Ираклис го доби првиот период со 29:17, а на полувремето имаше предност од 12 поени (47:35). Во второто полувреме разликата дополнително растеше, па домашните кошаркари стигнаа до убедлив триумф од 30 поени.
Во редовите на МЗТ, најефикасен беше Емир Крајниќ со 17 поени и 10 скока, додека Лесли Варнер постигна 15. Кај Ираклис, Хорчелер запиша 19, а Леке, 18 поени.
По овој пораз, МЗТ Скопје останува закован на дното на табелата во својата група.










