Работнички продолжи да доминира – го победи МЗТ Скопје во првата градска пресметка (ФОТО)

7

Првата градска пресметка помеѓу МЗТ Скопје и Работнички оваа сезона ја доби најтрофејниот кошаркарски колектив кој славеше со 60-74 во последниот натпревар од седмото коло во Супер-лигата. На овој начин Работнички остана без пораз и го запиша седмиот триумф во низа, додека пак тимот од Аеродром има сега два порази и пет победи.

Ефремовски со 17 поени беше прв стрелец кај гостите, Џексон Елингсворт имаше 14 поени, додека Рикиќ 12. На другата страна Мекиќ имаше 14 поени, Војдан Стојановски 10.

Првата четвртина мина во знакот на гостинскиот тим, кој добро влезе во мечот, поведе со 4-9, а имаше и 8-16. Токму од овој момент се разбуди актуелниот првак, кој со серија од 18-1 направи целосен пресврт и поведе со 26-17. Неколку минути подоцна имаше и двоцифрена предност (29-19).

Но, и Работнички имаше одговор на оваа игра. Се доближи на 31-25, а на одморот замина со негатива од само три поени (38-35), најавувајќи дека нема да се предаде.

Сето тоа се потврди на дело во третата четвртина, во која Работнички доминираше и беше подобар со 21-6, за водство од 44-56 пред почетокот на последните, решавачки десет минути.

Очекувано, битката се заоштри. МЗТ Скопје се обидуваше да приреди пресврт, но тешко одеше. Иако на стартот на последната четвртина не блескаше ниту Работнички, сепак успеа да дојде на двоцифрени 54-64 (35 минута). Војдан и Маслинко во само една минута намалија на 59-64, доволен знак за тајм-аут на другата страна. Гостите вратија со пет поени за 59-69 на две и пол минути до крајот, додека на другата страна растеше нервозата во редовите на МЗТ Скопје, што пак беше пресудно за крајниот епилог.

ПретходноТрагедија во Аргентина: 16-годишен фудбалер почина откако беше удрен со топка во главата!(ФОТО)