„Златен гонг“ блесна со сиот свој сјај

0
Со 20 национални репрезентации и учесници со медали од светски и европски првенства, јубилејниот 55. „Златен гонг” се вброи меѓу најуспешните изданија во историјата на турнирот.
Македонската боксерска федерација го организираше натпреварувањето од 13 до 15 ноември во салата „Расадник” во Кисела Вода.
Во Скопје боксуваа сениорски светски првак и двајца освојувачи на светска бронза, едниот од сениорско, а другиот од младинско Светско првенство. Меѓу учесниците имаше најмалку девет освојувачи на европски медали од сениорски првенства и првенства во помладите возрасни категории.
Македонија се вброи меѓу малкуте европски земји што годинава собраа 20 или повеќе репрезентации на еден елитен меѓународен сениорски боксерски турнир.
На денот на скопското финале, во Пореч се одржа официјалната ждрепка за Европското првенство до 23 години.
„Да собереме 20 федерации во ваков термин е голем организациски успех за македонскиот бокс. Дел од федерациите веќе имаа обврски околу Европското првенство до 23 години и домашните поединечни првенства. Тоа влијаеше на можноста да испратат делегации во Скопје. Верувам дека со послободен календар ќе пречекавме уште повеќе репрезентации”, изјави Кристијан Андреевски, претседател на Македонската боксерска федерација.
Светскиот првак Захарјејев го освои трофејот
Главниот трофеј му припадна на Јуриј Захарјејев од Украина, сениорски светски првак од Белград и европски бронзен медалист од Ереван. Тој го совлада Словенецот Лука Ребернак со судиски прекин во втората рунда. Шпанската шампионка Лаура Галано Лопез беше прогласена за најдобра боксерка по победата со 5:0 во финалето до 60 кг. Украина го освои признанието за најдобра репрезентација со 13 златни медали.
Три бронзи за Македонија
За Македонија бронзени медали освоија Алим Насуфи, Јоаким Јовановски и Марија Костовска. Насуфи го доби и признанието за најдобар македонски боксер. За најборбен пар беа прогласени Олександр Васко од Украина и Башким Бајоку од Косово. Габриел Штрајх од Германија беше избран за најдобар техничар, Олег Кудинов за најдобар тренер, а Дмитро Лазарев за најдобар судија.
Македонската боксерска федерација им се заблагодарува на делегациите, боксерите и боксерките, тренерите, судиите, волонтерите и публиката, како и на Министерството за спорт, Град Скопје и Општина Кисела Вода за поддршката во организацијата.
ПретходноАнгеловски со пораз во финалето на „Кинг купот“