Британскиот спортист е обвинет и за воајеризам, давење, физички напад, како и за контролирачко и присилувачко однесување за време на врската. Тој првпат беше уапсен во јули, по што беше суспендиран од британската репрезентација. Подоцна против него беа поднесени и обвиненија за поседување кокаин и попречување на правдата.
Обвиненијата за силување се однесуваат на наводни напади во Шпанија, Јужноафриканската Република и Англија. Првиот наводен напад се случил во мај 2021 година, а последниот во текот на оваа година. Доколку биде прогласен за виновен, Фрајер се соочува со доживотна затворска казна.
Федерацијата го суспендираше по апсењето
„Запознаени сме со кривичните обвиненија против Ли Фрајер и свесни сме за сериозноста на наводите“, соопшти Британската федерација за кошарка во колички, од каде што дополнително истакнаа:
„Во моментот на неговото апсење, тој беше исклучен од програмата на британската репрезентација и од сите активности на Британската федерација за кошарка во колички, до завршувањето на истрагата што ја спроведуваат надлежните органи. Бидејќи кривичната постапка е во тек, во овој момент би било несоодветно да даваме дополнителни коментари“.
Фрајер, кој во февруари стана татко, се изјаснил за невин по сите точки од обвинението, со исклучок на воајеризмот, за кој засега не се изјаснил. Почетокот на судењето е закажан за 22 март следната година, а британскиот спортист дотогаш ќе остане во притвор.
Пред две години освои параолимписко сребро
Фрајер пред две години дебитираше на Параолимписките игри, каде што со британската репрезентација го оствари најдобриот резултат во последните 28 години. Британците во финалето загубија од селекцијата на Соединетите Американски Држави со 69-73.
Фрајер, кој ги загубил двете нозе, со кошарка во количка започнал да се занимава уште во училишните денови. Во текот на кариерата настапуваше за клубовите Вејкфилд Вирлвиндс и Шефилд Стилерс од Јоркшир.










