Човекот кој цели 8 години помина тресејќи ги мрежите низ германската Бундеслига, нашиот поранешен репрезентативец Саша Ќириќ, деновиве во Скопје е домаќин на голем број свои пријатели, но и поранешни соиграчи и соработници од клубовите во Германија каде настапуваше. Германците доаѓаат во Скопје да го следат дуелот со Македонија на Националната Арена вечерва. Во интервју за Спортското радио 90.3 фм, Ќириќ вели:
„Деновиве имам многу гости, пријатели, кои се тука да го следат мечот. Веќе имам две групи од околу 30-тина луѓе кои се дојдени овде и деновиве ги користат да прошетаат малку и да посетат повеќе места во Македонија. Повеќето се Германци, но имам и наши луѓе кои живеат во Германија, но дојдоа тука да го следат мечот. Од големите фудбалски ѕвезди требаше да дојдат Феликс Магат и Јирген Колер. И двајцата најавија дека ќе дојдат, но не можеа да дојдат поради Ковид-19 ситуацијата. Имам многу други пријатели од фудбалскиот свет кои ќе бидат тука, поранешни соиграчи и останати вљубеници во фудбалот. Мене ме интересира победа, навистина сакам да победиме. Неблагодарно е да се прогнозира, па за мене најважно е да излеземе и да одиграме најдобро што можеме, зошто не и да ги победиме повторно“.