Денеска од 14 часот на стадионот на Чаир, закажано е дербито на 11.коло во ПМФЛ. Битка ќе бијат Шкупи и Ренова. Две екипи кои досега во тековната првенствена сезона покажаа најмногу.Токму затоа се и на првите две места на прволигашката табела. Ова секако дека ќе биде дерби за уживање, посебно ако се знае дека се очекува и добра посета, тука ќе бидат фановите на Шкупи кои секогаш се играч повеќе за составот на Гоце Седлоски.
Чаричани се во налет, имаат шест победи во серија, од кои четири во првенството. Последен пат загубиле пред точно два месеци во Струга. На Ренова одлично и оди во шампионатот, но затоа во средата во купот доживеа дебакл од Шкендија, и тоа со 0:5. Секако дека Ренова е „ранета“, но затоа тука е одличниот Ремзифаик Селмани, кој оваа сезона просто блеска, а и по обичај игра добро на Чаир, впрочем како и цела Ренова.
Ова ќе биде и дерби на кои и двете екипи играат отворен, квалитетен фудбал, сакаат да го имаат поседот, не сакаат да се бранат. Сакаат да нападнат. Денешното дерби ќе биде и пренесувано на ТВ Арена Спорт и МТВ.
Утре се играат сите преостанати мечеви од ова 11.коло. Се среќаваат Македонија ЃП – Струга ТЛ, Пелистер – Брегалница, Скопје – Тиквеш, Шкендија – Работнички, Борец – Академија Пандев, сите од 14 часот.