Со третото реми во групата „Ј“, Исланд ни даде отворен пат кон баражите за Мундијалот во Катар 2022 година. Вечерва во Букурешт, популарните „рибари“ извадија 0:0 на гостувањето против Романија и ни направија голема услуга во последното коло в недела на „Националната Арена“ во Скопје, токму против нив во директна пресметка да се обидеме да обезбедиме победа која ќе не однесе на второто место во групата и ќе ни донесе битка за мундијалско учество.
Македонија по ова коло има бод повеќе од Романија и сами си ја решаваме судбината в недела од 18 часот во Скопје.
Во вториот натпревар во нашата Група, Германија го декласираше Лихтенштајн со 9:0 и со тоа си го потврди првото место и директниот пласман на СП 2022 од групата „Ј“.
Португалија во исклучително важно гостување кај Р. Ирска одигра само нерешено 0:0 и се израмни со Србија на првото место во групата „А“. Тоа значи дека во последното коло директниот дуел меѓу овие две селекции ќе одлучува кој ќе оди директно на СП, а кој ќе игра во баражите.
Шпанија минимално ја порази Грција со 1:0 и ја искористи шансата која им ја даде Грузија со победата над Шведска попладнево, за да се искачи на врвот во групата „Б“.