Вечерва ќе биде познат новиот јужноамерикански шампион!

245

Вечерва, со почеток од 21:00 часот по македонско време за титулата шампион на Јужна Америка ќе се борат бразилските Палмеирас и Фламенго. Финалето на популарниот Копа Либертадорес (јужноамериканска ЛШ) се игра на стадионот „Сентенарио“ во Монтевидео, а судијата е Нестор Питана од Аргентина.

Ова е 62. издание на турнирот, а вторпат по ред за титулата ќе играат бразилски ривали. Лани Палмеирас со 1:0 го победи Сантос во финалето, а оваа година „зелените“ од Сао Пауло ќе го бранат трофејот. Фламенго беше шампион во 2019 година.

Низ историјата Палмеирас два пати го освојувал Копа Либертадорес, а уште три пати играл во финалето, додека Фламенго два пати играл финале и два пати победил.

Палмеирас ги предводи Португалецот Абел Фереира, поранешен стратег на Брага и ПАОК, во тимот ги имаат капитенот Фелипе Мело, екс-играчот на Јувентус и Галатасарај, потоа Луиз Адријано, поранешен фудбалер на Милан и Спартак Москва, тука се и Рони кој постигна шест гола сезонава во Копа Либертадорес, некогашниот фудбалер на Динамо Киев Дуду, бразилскиот репрезентативен голман Вевертон…

Фламенго за тренер го имаат Ренато Гаучо, а за оваа екипа играат неколку искусни фудбалери кои играле во Европа па се вратиле назад: Маурицио Исла, Давид Луиз, Филипе Луис, Андреас Переира, Диего Алвес, Бруно Енрике, Диего, Витињо…

И двата тима беа победници во своите групи, потоа следуваше нокаут фаза. Палмеирас имаше нешто потежок пат, прво чилеанска Универзитат Католика, потоа домашните ривали Сао Пауло и Атлетико Минеиро.

Фламенго ги елиминира аргентински Дефенса (победник на Копа Судамерикана и Суперкупот на Јужна Америка), потоа парагвајска Олимпија и еквадорскиот шампион Барселона.

 

ПретходноЈуве ќе “лета“ во Серија Б!?
СледноПолувреме под Шара: Маронг стрелаше за водство на “пандевци“!