Утре од 13 часот на Арената во Скопје, во првиот меч од 16.коло во ПМФЛ, Работнички ја пречекува Ренова. Познато е дека на тимот од Градски парк не му оди најдобро оваа есен, посебно не во псоледните неколку кола. Работнички е во серија од три порази по ред, па редно е утре конечно да прикаже што знае и да успее да победи. Инаку ова е трет меч на новиот тренер на “романтичарите“ Борче Христов и тој сеуште ја чека својата прва победа.
„Ренова е одличен тим, еден од оние кои најмногу покажаа оваа есен“ вели за “Спортмедиа“ стратегот на Работнички и продолжува…
“Мојот колега Ќатип Османи има тим за респект. Сепак ние сме Работнички и верувам дека нашиот тим ќе одигра како што треба. Цела недела специјално трениравме за утрешниот дуел. Јас сум оптимист и верувам дека можеме да ја победиме Ренова“.
Што треба да стори Работнички за да конечно успее да ги искаже сите свои квалитети.
“Овој тим на Работнички има потенцијал во себе, мислам дека за разлика од мечот со Струга ТЛ, со Тиквеш беше многу подобро, иако и тој меч го загубивме. Сега јас не знам дали утре ќе победиме или ќе загубиме, но знам дека Работнички ќе го даде својот максимум, ќе дадеме и повеќе од нашите моментални можности само да ја прекинеме црната серија и конечно да победиме. Се надевам дека и среќата утре ќе биде со нас. Освен на Александар Ристевски ќе можам да сметам на сиот играчки потенцијал и тоа ме прави уште поголем оптимист“ заврши стратегот на „романтичарите“.