Пред стартот на сезоната, со оглед на квалитетот на играчкиот кадар, но и засилувањата, екипата на Македонија ЃП беше посочувана како главен кандидат за висок пласман, се разбира после Шкупи и Шкендија.
Сепак очајна беше играта, очајни беа резултатите до тој 20 октомври, кога на куп средбата на гости кај А. Пандев, своето деби како прв тренер го имаше Муарем Бајрами, дотогашниот асистент на Александар Таневски. И од тогаш “лавовите“ од Ѓорче се препородија. Ги елиминираа А. Пандев и Шкупи во Купот, сега се во полуфиналето. На седум првенствени средби победија на четири, имаат две ремија и само еден пораз. Конечно Македонија ЃП почна да се искачува на табелата.
Муарем Бајрами за „Спортмедиа“ истакнува кој е рецептот на тој препород на тимот од Ѓорче.
„Како прво работевме на психолошки план, потоа јас посебно ги убедував играчите дека имаат голем квалитет. Тоа добро го знаев зошто и претходно бев со нив. И работата тргна, како тренер ги остварив замислите, почнавме нешто да менуваме и ете почнаа успесите. Играчите се најзаслужни за тоа, тука нема дилеми. И ова не е крајниот лимит на Македонија ЃП, ќе бидеме уште подобри, верувајте во тоа“ вели Бајрами.
СОНУВАМ СО МАКЕДОНИЈА ЃП ДА ГО ОСВОЈАМ КУПОТ
Можеби “возот“ за Европа преку првенството замина, но затоа тука е Купот.
“Еве ќе ви кажам една тајна. Јас лично сонувам со Македонија ЃП да го освојам Купот на Македонија. Имаме шанси, зошто да не. Успеавме да ги минеме Шкупи и А. Пандев, но Купот се игра на пролет, има време за тоа. Сега нашите мисли треба да бидат насочени кон првенството. Јас како тренер од играчите барам да ја разберат мојата филозофија, а тоа е кога се напаѓа да напаѓа цел тим, а кога ќе се браниме да се браниме исто со цел тим. Убаво е кога на секој меч постојано излегува по еден играч кој ќе отскокне, значи имаме и поединечен квалитет“.
На последниот меч оваа година, Македонија ЃП во рамките на 18.коло му гостува на Работнички на Арената.
“Ова е старо скопско дерби. Зарем треба да се говори за големината на Работнички, за неговата историја и титулите. Сепак ние сме Македонија ЃП и ќе одиме на добар резултат. Играме на нашиот најубав стадион, ќе имаме одлични услови за игра и сметам дека тоа ќе биде многу интересен натпревар. Работнички под водство на новиот тренер Борче Христов, кого јас необично го ценам, полека, но сигурно се враќа на победничките патеки. Да завршам, го цениме Работнички, но се цениме и себе си“ рече на крајот Муарем Бајрами, стратегот на Македонија ЃП, инаку поранешен тренер на Шкупи, некогаш познат наш фудбалер кој играл во повеќе клубови.
ФОТО: FK Makedonija gp FB