Наполи доби шлаканица во трката по титулата во Серија А затоа што вечерва на својот „Сан Паоло“ загуби од Емполи со 0:1. Наполи имаше многу повеќе од играта, меѓутоа бодовите заминаа на сметката на гостите.
Македонскиот репрезентативец Елис Елмас во 23. минута имаше шанса да погоди, но неговиот шут од далечиан заврши во пречката. Во 62. минута Жесус погоди, но судијата го поништи голот на Наполи по реакција на ВАР поради офсајд.
Мечот продолжи, а во 71. минута подзаборавениот Патрик Кутроне ја смести топката во мрежата на Наполи. Tри минути подоцна Петања можеше да изедначи но и тој ја погоди рамката од голот на Викарио.
Ова е прва победа на Емполи во Неапол по февруари 2008 година.
Со овој пораз Наполи остана на четвртото место со 36 бода, бод помалку од Аталанта и Интер, а три помалку од лидерот Милан.
На другиот меч Сасуоло го совлада Лацио со 2:1. Гостите водеа со голот на Закањи, а домашните направија пресврт со погодоците на Берарди и Распадори во второто полувреме.
Вечерва играат Интер и Каљари на „Меаца“.










