Шкупи е есенски шампион во ПМФЛ. Екипата од 18 натпревари победи на 13, три пати ремизираше и само два пати загуби. Тоа беше доволно за првото место по првиот дел од сезоната. Сега следува пауза па продолжување на шампионатот каде екипата треба да ја потврди силата и да ја освои шампионската титула. Тренерот Гоце Седлоски зборуваше за резултатите по првиот дел и работата во последните неколку месеци.
„Сакам да им се заблагодарам на сите за добрата работа, почнувајќи од фудбалерите, па до техничкиот персонал и моите асистенти, претседателот на клубот и останатите кои работеа напорно во изминатите неколку месеци за да бидеме таму каде што сме – на врвот. Посебна благодарност до нашите фанови кои на секој меч беа нашиот 12-ти играч.
Среќен сум што завршивме први по есенскиот дел од сезоната, меѓутоа нѐ чека уште многу работа. Следува пауза, а потоа нови предизвици. Потребни ни се уште многу победи. Сакам фудбалерите добро да се одморат и потоа да се вратат посилни затоа што до крајот на сезоната имаме уште многу натпревари“, изјави Седлоски.















