Фудбалскиот агент Дејан Вељковиќ почна да зборува за сомнителните мечеви во Белгија. Во дел од неговите искази дадени пред обвинителите е наведен и првенствениот натпревар на Андерлехт и Клуб Бриж од мај 2017 година. Според Вељковиќ, поранешниот менаџер Херман Ван Холсбек го замолил да разговара со судијата Себастиен Делфериер, кој го суедеше натпреварот за да не му дозволи на гостинскиот тим да слави против Андерлехт кој беше на чекор до шампионската титула.
„Не грижи се пријателе, Андерлехт нема да загуби“, наводно му рекол судијата Делфериер на Вељковиќ. Србинот во тој период беше агент на играчот на Андерлехт Софијан Хани, па преку неговиот трансфер ја наплатил „услугата“ за местење на натпреварот. Имено, неколку недели откако Андерлехт ја освои титулата со реми против Клуб Бриж (1-1), Хани потпиша нов подобрен договор.
Неговата плата се удвоила на 800.000 евра годишно, а Вељковиќ добил провизија од 440.000 евра, од кои еден дел завршиле и во рацете на судијата Делфериер, кој добил и гратис билети, билети за паркирање и покани за ВИП ложите на Андерлехт.