Фудбалерите на Црвена звезда го освоија Купот на Србија и двојната круна, откако вечерва по подобро изведување на пенали беа подобри од вечниот ривал Партизан.
Во текот на регуларните 90 минути и продолженијата, резултатот остана непроменет – 0:0, по што пеналите мораа да го решат победникот. „Црвено-белите“ таму беа поуспешни и стигнаа до првиот трофеј во Купот од 2012 година, и вкупно 25-ти во историјата.
Најголема заслуга за триумфот има голманот Милан Борјан, кој ги одбрани шутевите на Милош Јојиќ и Никола Штулиќ во четвртата и петтата серија.
Избраниците на Дејан Станковиќ ја завршија една од најдобрите сезони во поновата историја, освојувајќи ја првата двојна круна по 14 години!