Светската фудбалска куќа пред неколку денови го суспендира голманот на Брегот Слонова Коска Силвен Гбоухо поради допинг, а сега му изрече забрана за настап на уште еден фудбалер. Се работи за сенегалскиот репрезентативец Папе Геје кој е во составот за настап на Африканскиот куп на нациите, но не може да игра.
ФИФА не му го дозволи тоа, а причината е сомнителниот трансфер од Вотфорд во Олимпик Марсеј во 2020 година.
„Тој имаше административен проблем пред стартот на шампионатот но не добивме никакво известување за забрана. А денеска, пет минути пред почетокот на мечот со Гвинеја добивме известување од ФИФА дека Геје не може да игра. Се работи за некаква истрага за негов трансфер од еден во друг клуб. Затоа морав да го изоставам од составот“, изјави селекторот Алиу Сисе.
Засега не е познато до кога ќе биде суспендиран Геје, но се чини дека истрагата ќе потрае и тој не ќе може да го игра Купот на нациите.
Инаку натпреварот помеѓу Сенегал и Гвинеја заврши без голови.