Некогашниот селектор на македонската одбојкарска репрезентација и некогашен предводник на одбојкарската репрезентација на Турција, Јошко Миленкоски, денеска и официјално е промовиран во нов селектор на одбојкарската репрезентација на Црна Гора.
Нашиот стратег неколку месеци е тренер на грчкиот прволигаш Финикас, а денеска на седницата на Управниот одбор на Одбојкарскиот сојуз на Црна Гора, Миленкоски едногласно бил избран за нов селектор на машката сениорска репрезентација.
Нашиот стратег ни ја потврди информацијата, напоменувајќи дека засега останува паралелно и на клупата на Финикас, а ќе почне да подготвува стратегија за настапот на Црна Гора во циклусот квалификации за ЕП 2023, како и останатите репрезентативни обврски кои ги очекуваат оваа година.
„Точно е. Ја преземам Црна Гора. Засега останувам паралелно и на двете позиции во клубот и во репрезентацијата, па останува да видиме. Треба да договориме некои детали со Црногорската федерација, но јас би сакал да останам до крајот на циклусот за ЕП 2023“, ни рече во кусиот разговор нашиот стручњак.
Миленковски е најтрофејниот македонски тренер во сите категории, со вкупно 28 трофеи во Македонија, од кои 15 во првенствата на Македонија со Работнички Фершпед, 13 купа, од кои 12 со Работнички и еден со Борец Универзал промет.